НАД 10 ОТСТО ОД ФИРМИТЕ НЕ ПОДЕЛИЛЕ ПЛАТИ ЗА ФЕВРУАРИ

0
17

Речиси 7 000 работодавачи од приватниот сектор чекаат пари од државата за да им исплатат плати на своите вработени. Чекаат петтиот сет економски мерки да помине во Собранието, кој пак, заглави поради 1000 амандмани што ги поднесе албанската опозиција, односно Алијанса на Албаниците и Алтернатива.

Ваквото натегање во законодавниот дом, според податоците на Управата за јавни приходи, без плата остави 16 883 работници. Фирмите се веќе опоменати.

„Како даночен орган ќе покажеме одреден толеранс во делот на блокирањето. Го имаме предвид фактот што дека секако треба да се помогне на компаниите и дека не по нивна вина се доцни со исплатата на платите.“ – изјави Сања Лукаревска, директор на УЈП.

За сите мерки за плати и за придонеси, лани фирмите од државниот буџет добиле 135 милиони евра. Сега тие треба да вратат дел од парите. Според пресметките на Управата назад во буџетот треба да се слеат 19,6 милиони евра, односно 14 отсто од вкупно исплатена финансиска поддршка. Фирмите ќе ги враќаат парите на три рати без камата. Но ако докажат дека парите за првите три месеци ги инвестирале, државата ќе им ги прости. А токму тоа го побарале 1500 даночни обврзници.

„Корисниците на финансиската поддршка за исплата на плати за месеците април, мај и јуни 2020г коишто ќе докажат дека финансиски средства во износ или поголем од износот на добиена финансиска поддршка искористиле за инвестиции за вработени, во оперативни подобрувања на компанијата или продуктивен капитал, под услови коишто се определени во самата уредба, може да поднесат барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант.“ – изјави Сања Лукаревска, директор на УЈП.

Првите бројки што ги објавува УЈП, во делот на прибирање на даноците, покажуваат будење на економијата. Во март билe собрани 125 милиони евра што е за 6% повеќе од планираното или 18 проценти повеќе во однос на истиот месец лани. Највисок раст има кај ДДВ за речиси 30%. Кај данокот на личен доход наплата е повисока за 12 проценти. А во однос на почетокот на пандемијата, пад има само кај данокот на добивка од 1,3 проценти

24 вести