Новите мерки за заштита ќе придонесат за намалување на притисокот врз здравствениот систем, секој да даде придонес во зачувување на јавното здравје

0
29

Државата се соочува со сериозен бран на коронавирусот, бројката на новодијагностицирани и на хоспитализирани пациенти е многу голема, а здравствениот систем е под најголемиот притисок од почетокот на пандемијата.

Бидејќи здравјето на граѓаните е највисок приоритет на институциите предводени од СДСМ, Владата на препорака на Комисијата за заразни болести донесе одлука за заострување на рестриктивните мерки.

Во наредните две недели важи забрана и посебен режим на движење на граѓаните на територијата на Северна Македонија, од 20:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.

Угостителските објекти целосно ќе бидат затворени од 7 до 21 април, вклучувајќи ги и оние во хотели, мотели и бензински станици. Оние угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативни начини и да вршат достава или да овозможуваат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект.

Се затвораат и сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали за вежбање и се забранува одржувањето на конференции и семинари.

Обложувалниците продолжуваат да работат, но нема да биде дозволено да се седи внатре.

На сила останува и задолжителното носење заштитни маски, одржување дистанца, забрана за групирање.

Мерките се потребни за да пресретнеме нови, сериозни влошувања на здравјето на граѓаните и на функционалноста на здравствениот кадар и здравствениот систем.

Неопходно е доследно почитување на мерките, најсериозно и најодговорно и да се заштитиме и себе си и нашите најблиски.

Ова е ситуација кога е потребна целосна мобилизација на граѓаните и општеството во заштитата на јавното здравје кое што е обврска на секој од нас.

Сите заедно да се спротивставиме на ширењето на опасниот вирус и заедно со масовната вакцинација да го победиме опасниот, невидлив непријател.