Од Бразил во Европа стигна нов сој на коронавирусот, од него заболуваат и оние кои веќе прележале КОВИД-19. Во Македонија досега не е евидентиран ваков сој

0
20

Македонија засега нема присуство на бразилски и јужноафрикански сој на вирусот СарсКов 2, ова за Нова го потврдија од МАНУ, каде во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија се врши скенирање и присуство на варијанти на вирусот Ковид 19. Анализите на МАНУ покажале дека доминатен сој кај нас е британскиот.

„МАНУ направи скенирање на 225 пациенти на присуство на варијанти, во период од 27 март до 5 април 2021 година и утврдено е дека во Македонија доминатен е британскиот сој на вирусот, со повеќе од 97% застапеност, што најверојатно е една од причина за драстично зголемување на бројот на новозаразени, како и оптоварување на здравствениот систем во последниот бран“ се вели во одговорот од МАНУ за НОВА.

Главниот директор на Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина д-р Горан Кунгуловски, на својот „Фејсбук“ објави за соевите на коронавирусот. Тој вели дека во моментов среќа во несреќа е што бразилскиот и јужноафриканскиот сој не можат да станат доминатни во земјава.

„Бидејќи во Македонија е доминантен британскиот сој (можеби над 98-99% од сите новозаразени), а бразилскиот и јужно-африканскиот сој се пренесуваат подеднакво брзо или побавно од британскиот, истите доколку сега влезат и се детектираат во Македонија, најверојатно нема да станат доминантни бидејќи ќе бидат само капка во морето со британскиот сој.

За некој сој да стане доминантен, треба многу побрзо да се пренесува од сојот што тековно циркулира во популацијата (во случајов кај нас е британскиот). Во случајов, бразилскиот и јужно-африканскиот ги немаат тие својства. Среќа во несреќа, засега.“, напиша д-р Кунгуловски.