Петтиот антикризен пакет конечно пред пратениците

0
18

Коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива вчера најавија дека ќе ги повлечат амандманите поднесени во Собранието за законите од петтиот пакет на економски мерки. ВМРО-ДПМНЕ, пак, претходно вчера соопшти дека ќе ги повлече своите амандмани што ги поднесе во Собранието за Предлог законот за државјанство.

Елми Азири од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива изјави дека штом ќе се деблокира дебатата во Комисијата за обрана и безбедност за законот за државјанство, тие ќе ги повлечат нивните амандмани од Комисијата за финансирање и буџет за законите за петтиот пакет економски мерки.

„Ние остануваме на она што го изјавивме претходно во рамки на дебатата за законот за државјанство. Штом ќе се повлечат амандманите кои го блокираа Законот за државјанство и ние ќе ги повлекуваме нашите амандмани за петтиот економски пакет. Во моментот кога ќе бидат повлечени амандманите за државјанство, во тој момент ќе ги повлечеме и амандманите за петтиот економски пакет“, рече Азири.

ВМРО-ДПМНЕ, претходно, денеска соопшти дека ќе ги повлече своите амандмани што ги поднесе во Собранието за предлог Законот за државјанство.

„Ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата… ќе ги повлечеме сите амандмани на Законот за државјанство се со цел конечно да се изгласа петтиот пакет на мерки за помош на граѓаните и стопанството, изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ“, Никола Мицевски.

Тој апелираше до парламентарното мнозинство веднаш да се одржат и да продолжат со работа матичните комисии каде се наоѓаат законите од петтиот пакет на мерки, а потоа во текот на денот или најдоцна утре да се одржат и пленарните седници на кои би се гласало по овие точки.

На веб-страницата на Собранието закажани се две седници на Комисијата за финансирање и буџет, а на дневен ред се предлог-законите за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност и за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза заради исплата на платите за февруари и март, како и измената на Законот за данок на личен доход, сите во второ читање.

На втората последователна седница членовите на Комисијата за финансирање и буџет треба да разгледаат повеќе предлог-закони, меѓу кои за дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници во второ читање и Предлог – закон за изменување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, исто така во второ читање.

Пред членовите на Законодавно-правната комисија, се повеќе точки, меѓу кои предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата заради заштита од илегална миграција и заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија и предлог-законот за дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, во второ читање.

На втората последователна седница членовите на Законодавно-правната комисија треба да ги разгледаат предлог-законите за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, за месеците февруари и март 2021 година, за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, заради исплата на платите за февруари и март годинава и за измена на Законот за данок на личен доход, сите во второ читање.
Мкд.мк