Пет години од „Шарена револуција“ – Дали сега има правда и мир?

0
30

12 април 2016 година. Пред точно пет години, одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да аболицира 56 политичари и нивни соработници беше доволна причина да извади на улица голем број на револтирани граѓани.

Неколку часа откако Иванов ја соопшти одлуката, демонстранти ја нападнаа канцеларијата на претседателот во центарот на Скопје.

По овој инцидент следуваа протести со фрлање боја кон државните институции кои според критичната маса, носеа криминални одлуки против граѓаните. Министерството за правда, Министерството за надворешни работи, Собранието, Министерството за финансии, спомениците од барокните згради од проектот Скопје 2014 беа обоени со боја. Но дали и колку револуцијата успеа да донесе слобода и да тргне со конкретни чекори во департизација на целиот систем? Симона Спировска, која беше дел од Шарената револуција, вели дека најголемото разочарување за неа е тоа што оваа движење не опстана и не остана коректор на владините политики.

„Тоа ми е единствено разочарување. Затоа што јас можам да се разочарам од нас. Јас не можам да се разочарам од партиите, заради тоа што имам од нас очекувања, дека ние ќе бидеме истрајни. Етре тоа ни се случи. После пет години, веројатно најмногу заради тоа жалам, жалев и во првиот момент кога стана јасно дека тоа нема да се случи дека ние нема да истраеме. А тоа стана јасно веднаш после изборите, веднаш после 27 април тоа беше јасно“, истакна Симона Спировска.

Спировска смета дека по завршувањето на протестите, беа предадени идеалите за кои многумина кои беа на улица се залагаа.

„Вклучувањето на нашите соборци во власта на почетокот делуваше како добра идеја да речеме, но кога почнаа да се предаваат идеалите и да се случува тоа дека за време на претходната власт сум мислел и сум зборувал едно, а сега зборувам друго бидејќи сум на позиција и на власт, тоа е разочарувањето и таму ја лоцирам тагата“, додава Симона Спировска.

Голем број од оние кои што учествува во Шарената Револуција, сега се дел од извршната власт. Тв21 стапи во контакт со поранешниот пратеник и член на Шарена револуција Павле Богоевски. Но, тој смета дека со влегувањето на одредени индивидуи од Шарената револуција во редовите на извршната, законодавната, па и локалната власт, не предизвикало намалување на симпатиите за Шарена револуција.

„Предизвика за намалување на симпатиите за оние луѓе кој што се одлучија да влезат ама тоа требаше да биде очекувано. Заслугите, прекорите и критиките по завршувањето на Шарена револуција треба да бидат индивидуални односно не можеме за резултатите од работењето на сите луѓе што од улица влегле во институциите да ставаме критики или заслуги на целата Шарена револуција“, посочи Павле Богоевски.

А, дека правдата не е целосно задоволена, пред еден месец во емисијата Клик Плус кажа и претседателот на државата Стево Пендаровски.

„Бев носител на пратеничка листа во првата изборна единица и зборував цело време дека нема правда нема мир, и тоа беше главниот слоган на таа Шарена револуција. Но, ние ги разочаравме тие луѓе и треба да ја преземеме одговорноста“, порача Стево Пендаровски.

Според последната анкета на Центарот за делиберативна демократија, Учесниците и поддржувачите на Шарената револуција денес ѝ даваат многу лоша оценка на Владата на Зоран Заев. Дури 58% од испитаниците сметаат дека учесниците во ШР, вклучени во Владата, не придонесле воопшто за реализација на реформите за кои се бореле.