Почна имунизацијата со „Спутник“, надлежните повикуваат на масовно вакцинирање

0
52

Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска започна масовната имунизација на населението против Ковид-19. Први на листата се вработените во МВР, АРМ, вработените во јавниот превоз, воспитувачките во градинките и медиумските работници. На 48 пункта од 8 до 20 часот е планирано да се вакцинираат околу 3.000 граѓани.

Вакцинацијата се спроведува со руската вакцина „Спутник V“, којашто Северна Македонија ја доби како донација од соседна Србија. Во план е да се вакцинираат 20 илјади државни службеници кои се опфатени во оваа фаза од вакцинацијата. Повеќемина здравствени работници и припадници на МВР коишто се вакцинираа денеска велат дека сѐ поминало во најдобар ред. Тимовите вклучени во вакцинацијата очекуваат во следните денови да има поголем интерес за имунизација.

„Утрово започна вакцинацијата, почнувајќи од припадниците на МВР. Вакцинацијата тече според сите протоколи и прописи. Се надеваме дека на дневно ниво ќе вакцинираме до 3.000 граѓани и на тој начин ќе завршиме еден процес кој го започнавме“, вели д-р Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје.