По низата реакции остранет бетонскиот столб , но останатите препреки на новата велосипедска патека во Тетово останаа

0
21

Остранет е бетонскиот столб по критиките и многуте иронии за новата велосипедска патека во должина од 2,5 километри на булеварот Илинденска
Веста за патеката која граѓаните на шега ја нарекуваа патека за екстремен велосипедизам поради поставениот столб одекна и на социјалните мрежи во западно – европските земји.

Но остранувањето на столбот не го реши проблемот. Велосипедистите велат дека на секои стотина метри мора да се симнуваат од велосипедите и да продолжат со возење на тротоарот или по улицата, затоа што наидуваат на паркирани возила, контејнери отворени шахти и слично.

-Катастрофа не може да се користи патеката. Видете несовесни граѓани паркираат возила и патеката е тесна, па дури има и контејнери на самата патека. Добро е што има вакви иницијативи, за да не се возат граѓаните само со возила, кои највеќе го предизвикуваат хаосот во градот. Но, ако има велосипедска патека треба да биде практична, а не како оваа само ја обележале со црвена боја и мислат дека завршиле работа, вели еден велосипедист.

Од Општина Тетово велат дека ќе најдат начин контејнерите да ги остранат од самата велосипедска патека и да ги постават на друго место, а во координација со полицијата ќе се интензивираат активностите за непрописно паркираните возила кои ја узурпираат велосипедската патека.

Освен на Илиндеска, велосипедска патека има и на булеварот Маршал Тито, но и таа е често узурпирана од возила и контејнери.