Притвор за сите шестмина приведни во акцијата кај Прилеп

0
22

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција велат дека мерката притвор за сите осомничени е побарана поради опасност од бегство, влијание врз сведоците и повторување на делото. Велат активно се работи на истрагата а засега е рано да се одговори дали ќе има нејзино проширување.

Зад решетки заврши и командирот на прилепскта полиција Кире Спиркоски, како дел од групата која полицијата ја уапси во близина на селото Раец во обид да ја пренесе марихуаната. А од опозициската ВМРО ДПМНЕ денеска излегоа со тврдење дека еден од приведени во акцијата е Александар Ушилковски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев, но и дека пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола која според партијата е директно поврзана со фамилијата Заеви.

„Дрогата доаѓала директно од фирмата “Медикал 420” од Битола, фирма чија лиценца ја потпиша и одобри лично Зоран Заев како премиер, каде што при увидот според наши информации фалеле над 10.000 стебла со марихуана, односно тоа се повеќе од 200 килограми марихуана. Секое стебло мора да има свој евидентен број, а овде фалеле над 10.000 стебла замислете колкава е таа бројка.

Затоа, уште еднаш јавно прашуваме, дали комбето со кое е превезувана марихуаната од нарко дилерите Ушилковски и Чипсио е во сопственост на фирма партнер на Трајче и Бобан Заеви?“ – Димче Арсовски – Портпарол на ВМРО ДПМНЕ

Трајче Заев е категоричен дека ниту неговите фирми ниту некој од вработените е инволвиран во шверцот на дрога.

„Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23ти март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании.“- Трајче Заев

Со реакција на обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ одговорија и од владејачката СДСМ.

„Не можејќи да се соочат со фактот дека патот на правдата во државата и е чист, дека институциите борбата против корупцијата ја водат бескомпромисно, ВМРО ДПМНЕ ги засилува лагите и шири класични невистини и преку своите партиски мегафони.

Пробаа да наштетат на сложена полициска истрага и акција, но не успеаја.“-СДСМ

Марихуаната која ја заплени македонската полиција во соработка со американската ДЕА, тежи 200 килограми во вредност околу 800 илјади евра требало да заврши во Грција. Полицијата врши и проверки проверки дали потекнува од две фабрики за медицински канабис во Прилеп и Битола.