Рекреативната – пешачка зона кон пределот Бањиче се гуши во прашина и кал, дел од новата патека уништена

0
17

Пешачката зона кон пределот Бањиче освен што е небезбедна, последниве десет дена е каллива, а граѓаните кои го користат овој предел за рекреација голтаат и прашина. По градежните активности за спречување на ерозивни процеси кои за само неколку дена предизвикаа големо свлечиште на земјата, кое целосно го затрупа и блокира патот кај хидроцентралата на ЕВН, патеката беше забранета за рекреативците.

По расчистувањето на одронот таа повторно ја користат граѓаните, но наместо низ чиста средина, тетовци низ пределот до Бањиче пешачат по кал, руиниран тротоар, а голтаат и прашина.

-Одронот се расчисти, но видете што остана. Голем дел од тотоарот е уништен, пешачиме по кал, а голтаме и прашина. Градежната механизација си работи и таа ќе работи, но сега кога сакаме малку да се издуваме, кога цела зима бевме во изолација поради пандемијата, треба Општина Тетово да го исчисти теренот со вода да ја измие пешачката зона и улица. Нека помине еден камион со вода нека ја испере, барем тоа што остана во градот за рекреација нека биде како што треба, истакна еден тетовец кој редовно го користи овој предел.

Прашината најчесто се крева при поминување на моторни возила, па дел од граѓаните бараат на овој рекреативен предел да се забрани користење на возила.

-Не знам само што бараат возилата да поминуваат тука. Ова е катастрофа. Ни сега а ни претходно не треба да се дозволи тука да поминуваат возилата. Сега па никако, има горе два ресторани, ама сега поради пандемијата овие ресторани не работаат, што мајка бараат автомобилите нагоре, оваа зона треба да биде рекреативна и за ништо друго , додаде една жителка на Тетово.

Од Општина Тетово, истакнаа дека градежна механизација работи на терен, со цел на најризичните места да се направат каскадни системи, за да се заштити пределот од ерозивни процеси. По завршувањето на ваквите градежни активности ќе следува сериозен голем проект за спречување на појава на големи свлечишта на овој предел, додадоа од локалната самоуправа. Но, барем засега нема никакви најави дека ќе се преземат активности за чистење на коловозот и тротоарот од наноси од кал и прашина