Русија го казни „Епл“ со 12 милиони долари

0
22

Регулаторот на руската влада му изрече казна од над 12 милиони долари на американскиот технолошки гигант „Епл“ поради „злоупотреба“ на својата доминантна позиција на пазарот со тоа што им дал предност на сопствените апликации.

„Откриено е дека„ Епл“ ја злоупотребил својата доминантна позиција на пазарот за дистрибуција на „ИОС“ преку низа секвенцијални активности што резултираа со конкурентска предност за сопствените производи“, се вели во денешното соопштение на Федералната антимонополска служба (ФАС).

Во соопштението се вели дека ФАС на 26 април оваа година изрекла глоба од 906,3 милиони руби за компанијата „Епл“, односно 12,1 милиони американски долари за прекршување на антимонополското законодавство.

ФАС соопшти дека ваквата одлука е донесена по изречената пресуда во полза на жалба покрената против „Епл“ од страна на компанијата за сајбер безбедност „Касперски.“

Од компанијата „Епл“ за државната новинска агенција „РИА Новости“ денеска изјавија дека „ја почитуваат Федералната антимонополска служба на Русија, но дека не се согласуваат со одлуката“. „Епл“ најави жалба на пресудата.

Потегот на ФАС следи откако Москва на почетокот на овој месец започна со спроведување на контроверзно законодавство со кое се бара паметните телефони, таблети и компјутери кои се продадени во земјата да имаат претходно инсталиран домашен софтвер и апликации. Властите тоа го опишаа како обид за промоција на руските технолошки компании.