Седлоски им подаде рака на Шверцерите – го презема Шкупи! (ФОТО)

0
43

Поранешниот спортски директор и тренер на најтрофејниот македонски клуб Вардар, Гоце Седлоски од денеска е нов тренер на чаирски Шкупи, откако второпласираниот тим сезонава во Првата лига го промовираше за нов кормилар.

Седлоски се враќа во Македонија откако лани кратко му траеше авантурата во Загреб како тренер на Б-тимот и на младинскиот тим на Динамо, а претходно имаше куси авантури и како тренер на летонска Рига односно Босански Широки Бријег. Седлоски во Вардар беше тренер од 2015 до 2017 година, кога освои две титули првак, а сега во Шкупи доаѓа на една година со опција да остане и подолго кормилар, но сето тоа ќе зависи од резултатите во новата сезона.

Шкупи има амбиција да биде првак, но зимава со Хасен Озер високите цели да ја претркаат Шкендија не ги остварија, па тетовци се на чекор до својата четврта круна, за разлика од чаирчани кои влегоа во исклучително лош и кризен период.

„Сакам да им се заблагодарам на раководството, на сопственикот и на сите кои ми дадоа поддршка. Имавме преговори уште зимава, но тогаш не најдовме заеднички јазик, а сега повторно имавме преговори и се решив да дојдам во Шкупи. Нивните цели, како и моите за следната сезона се поклопија. Знам дека овој клуб многу инвестираше, многу играчи беа доведени, но само неколкумина знам со кои сум работел претходно во Вардар, додека другите ми се непознати. Но, сите што се тука тргнуваат од нула, сите ќе добијат шанса во овие последни шест меча, за да видиме колку вредат. Сега ќе ги доработиме последниве мечеви за да ја завршиме сезоната максимално посветено, а од лето ќе тргнеме кон целите кои ги имаме“, вели Седлоски.

Со Седлоски на клупата во стручниот штаб ќе работат Енес Ќали, Тони Мегленски, Павел Неделковски и Марија Мирков. Седлоски е поранешен македонски репрезентативец со 100 настапи во црвено-жолтиот дрес и со богата фудбалска кариера настапувајќи за Хајдук, Динамо, Матерзбург, англиски Шефилд Венздеј, јапонска Вегата Снедаи, како и турски Дијарбакир.

SPORT1.MK