Се бара меѓународен мониторинг за случајот со Камчев

0
21

Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев испрати отворено писмо до 47-те министри за надворешни работи на Совет на Европа.

Адвокатот Тони Менкикоски денеска истакна дека писмото е поради тоа што Македонија е под мониторинг на Комитетот на Министри при Советот на Европа во делот кој се однесува на примената на мерката притвор и треба да постапува согласно со Акцискиот план. Се бара и меѓународен мониторинг за случајот.

„Круцијалниот доказ со кој Судот располага  и врз основ на кој г-динот Јордан Камчев е против законски лишен од слобода и му е повторно продолжена мерката притвор е целосно незаконит доказ, односно, не смее да биде доказ во кривична постапка. Дополнително и покрај сите инсистирања од страна на одбраната Судот одбива тој доказ да го обелодени, достави и презентира на одбраната. Имено, Информација (заведена под СД бр. 02-545/1 од 14 ти Март 2021 година) на АНБ врз која се заснова решението на Судот за лишување од слобода, не само што не е доставена до одбраната и Судот одбива да го стори тоа, Информацијата на АНБ е  спротивна на член членот 43 од Законот за Агенцијата за национална безбедност и согласно на овој член, не може да се употреби како доказ во кривична постапка, но може да се користи за иницирање и насочување на кривична постапка“, вели адвокатот Менкикоски.

Тој посочува дека недозволливо е вршење на јавни напади и притисоци врз одбраната на Камчев, преку соопштенија и изјави што претставува директно мешање и дискредитација како на целокупниот предмет, така и директно на г-динот Јордан Камчев и на неговата одбрана.

„Поради молкот на македонските институции во овој случај, до кои повторно апелираме да започнат да постапуваат согласно својот професионален интегритет, одбраната на г-дин Јордан Камчев бара меѓународен мониторинг на случајот односно, овој случај да биде дел од процесот на мониторинг на Комитетот на министри на Советот на Европа.

Меѓународен мониторинг се бара и поради директно кршење на Уставно загарантираните права и гаранции на Јордан Камчев на „слобода и безбедност”, „правото на ефикасна  и делотворна одбрана ” и на неговото право на „правично судење пред непристрасен трибунал”, како и дека бил субјект на нечовечко и понижувачко дејствување од страна на институциите на Македонскиот систем кои му ја имаат ограничено неговата слобода“, додава Менкикоски.