Слобода за „уставобранителите“ се бара на протестот од пред Влада до Собрание

0
18

Неколку илјади луѓе денеска протестираат од пред Влада до Собрание под мотото Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите!“.

Учесниците на протестот носат транспаренти и маици со кои се бара безусловно ослободување на затворените за 27 април, кои се осудени за упадот во Собранието во 2017 година. Според организаторите на протестот, обвиненијата за тероризам на затворените за 27 април се политички монтирани. Тие бараат Врховен суд да го поништи судењето и да има ново, оти имало лажни сведоци.

Учесниците на протестот пеат патриотски песни и скандираат „Никогаш северна, само Македонија“, како и „Слобода за браќата“. Тие побараа и оставка од Владата и избори.

Македонската химна ја изведоа оперскиот пејач Игор Дурловски и пејачката Андријана Јаневска. Дурловски беше еден од обвинетите за настаните од 27 април, 2017 во Собранието, но беше ослободен.

Меѓу присутните се и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата претходно соопштија дека го поддржуваат и бараат ослободување на „уставобранителите“.

Од СДСМ реагираат дека со поддршката на денешниот протест ВМРО-ДПМНЕ стои на браникот на криминалот и криминалците.

Во март 2019 беа осудени 16 луѓе на вкупно 211 години затвор за кривичното дело „терористичко загрозување на државниот поредок”. Меѓу нив се поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, припадници на МВР и на Агенцијата за разузнавање. Во февруари годинава на Апелација на дел од осудените казните им беа благо намалени, на вкупно 188 години затвор.

Извор Р.С.Е