Сојузот на синдикати бара ковид 19 да биде професионално заболување

0
16

Работодавачите не се согласуваат во целост со синдикатите ковид 19 да се признае како професионално заболување, со што сите заболени од вирусот кои отсуствуваат од работа да бидат 100 процентно исплатени. Според нив, не е праведно работодавачите да исплаќаат целосна плата на вработените на одредени работни места каде што вработениот со сигурност не се заразил, затоа јасно треба да се дефинира за кои работни места работодавачот ќе има обврска да ја исплати платата во целост.

„За секое заболување со корона вирусот да се смета професионално заболување мислам дека не е во ред, пред се треба да се направи анализа за тоа кои се работните места за кои може да се смета на пример здравствените работници со право може да се постави, бидејќи тој е изложен, но останати работни места кои работи на пример во земјоделство сигурно не се заразил на нива, туку дома дружејќи се со некои други луѓе“, рече Ангел Димитров- Организација на работодавачи.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи не сакаше да го коментира предлогот од синдикатите бидејќи се уште го немаат официјално добиено во Владата.

„Барањето од Сојузот на синдикати го имаме слушнато, но се уште го немаме официјално добиено како предлог, но секако ќе го разгледаме како сите други прашања кои што ги разговараме на социјално – економскиот совет или билатерално со синдикатите и организацијата на работодавачи“, рече Битиќи.

Предлог иницијативата на Сојузот на синдикати се однесува на вработените од јавниот и од приватниот сектор кои се во изолација или самоизолација и се отсутни од работното место и би требало да им биде во целост исплатена платата. Причина за ваквиот предлог е тешката состојба во која се наоѓаат работниците поради здравствено – економската криза предизвикана од ковид 19.

Извор АлсатМ