Срцето на Верица Белчовска живее во 22-годишно момче

0
18

Срцето на Верица Белчовска која ја заврши борбата за живот по сообраќајната несреќа, продолжи да работи и да живее во телото на 22 – годишно момче чиј живот поради срцева болест беше во опасност. „Во моменти на огромна тага, решивме да спасиме други животи“, вели Мартин, братот на Верица.

Откако решија да ги донираат органите на својата ќерка која загина во сообраќајна несреќа, не стивнуваат позитивните реакции за огромниот чин на хуманост до семејството од беровското село Русиново, за кои единствената утеха покрај огромната загуба, е тоа што нејзиниот живот ќе продолжи преку животот на пациентите кои ќе ги примат нејзините органи.

За братот на починатата 20 годишна девојка, и покрај трагичниот чин, семејството сака да остави пример за потребата од вакви хумани гестови.

Неговата сестра беше жртва на несовесен млад возач кој со своето возило ја удрил и избегал од местото на несреќата. За жал, Верица не можела да ја добие битката за својот живот, бидејќи настрадал мозокот. Сиромашното семејство Белчовски ја донело тешката, но хумана одлука, неговата сестра всушност, со донирањето органи, да спаси други животи.

„Сакаме да дадеме до знаење дека органите треба да се донираат, а се одлучивме на тоа бидејки сакаме да спасиме животи. И нам доколку нѝ беа потребни, верувам дека ќе нѝ се излезеше во пресрет, затоа и ние сакавме да помогнеме, бидејки така ќе живее и нашата сестра”, вели Мартин Белчовски, брат на 20 годишната Верица.

Огромна поддршка до семејството Белчовски, изрази и градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски.

„Ова е огромен хуман потег на семејството, кое во услови на голема тага и скршеност се одлучија на така голем, хуман и храбар чекор, да ги донираат органите на несреќно загинатата Верица и со тоа да продолжат нови животи. Иако физички не е присутна, срцето на Верица ќе продолжи да чука. Како општина на семејството им стоиме на располагање за било какви потреби”, рече Пекевски за МИА.

Срцето на Верица продолжи да работи и да живее во телото на млад, 22 годишно момче чиј живот поради срцева болест беше во опасност. Операцијата на трансплантација на срцето заврши во 3.33 часот утрово, а Министерството за здравство ја оцени како успешна. Притоа е најавено дека во текот на денот ќе се изврши трансплантација на бубрезите на Верица на двајца пациенти кои се на дијализа, но ќе се изврши пресадување и на коски кај пациенти кои имаат метастази на делови од телото.

мкд.мк