Тиња, разновиден отпад, искршени и запуштени канали за наводнување во тетовско

0
34

Земјоделците од тетовско мака мачат за да ги наводнат своите ниви, иако шарските реки и притоки им се на дофат. Систем за наводнување има, но голем дел од него не е во функција, затоа што со децении бил запуштен.

Тиња, разновиден отпад, искршени и запуштени канали. Во ваква состојба веќе две децении е системот за наводнување во тетовско, период кога и оваа инфраструктура немала стопан. По формирањето на новото претпријатие АД Водостопанство, годинава започнати се посериозни активности за чистење на каналите и отворање на бразди.

-Започнавме со чистење, но луѓето се несовесни фрлаат се и сешто, рече Гоце Димитриевски од АД Водостопанство подружница Тетово.

Земјоделците велат дека бадијала ги чистат каналите кога во нив не протекува вода.

Голем дел од коритата на реките и притоките се искршени, па водата наместо да заврши во каналите се излева на друго место, па така селаните остануваат без капка вода, истакна земјоделецот Иван Спировски од тетовското село Брвеница

Од АД Водостопанство потврдуваат дека системот за наводнување се наоѓа во многу лоша состојба. Потребно е време за каналите кои биле оставени на забот на времето да се обноват и да бидат функционални, додаваат од ова претпријатие

Во тетовско има 200 километарски земјен и бетонски систем за наводнување , но голем дел од него не е во функција .