Трамвајот на тркала во Скопје ќе стане реалност 2024-2025 година

0
26

Со обезбедување на парите, Град Скопје може веќе од ова лето да почне со распишување на тендерот за првата фаза на БРТ – од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Во 2023 година ќе се стартува со постапката за втората траса од Пинтија до Бутел

По 4 години од сега, во Скопје ќе профункционира „трамвајот на тркала“ со што македонската метропола ќе стане првиот град на Балканот кој ќе го изведе овој систем на брз автобуски транспорт на патници. За таа цел денеска беше потпишан договор за заем од ЕБОР во износ од 70 милиони евра за реализирање на проектот за Бас Рапид Транзит, чија цел е намалување на сообраќајниот метеж и на аерозагадувањето.

– Скопје од денес започнува да добива брз, одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен поради брзината и што несомнено ќе значи зголемување на бројот на патници кои го користат јавниот транспорт во Скопје – рече скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

Тој истакна дека екипи на Градот и ЈСП досега работеле на подготовка на техничката документација, додека идејното решение е веќе изработено од стручњаци од Битола, Скопје, Белград, Лондон и Брисел и тоа ќе претставува основ за тендерската документација за набавката која се очекува да се спроведе во текот на летото.

– Во рамките на тендерот кој ќе се распише ќе се бара интервенции во инфраструктурата, изградба на депо во Ново Лисиче и депо во Ѓорче Петров, набавка на софтверски систем, на автобуски станици кои ќе бидат затворени – објасни Шилегов.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими потенцираше дека со овој проект се овозможува директно да се одговори на предизвиците на модерното време.

– Со реализација на овој проект се овозможува побрзо да се стигне на работното место, како и од еден крај до друг, а се намалува загадувањето на воздухот и животната средина – истакна Бесими.

Тој појасни дека со 47,6 милиони евра од заемот од ЕБРД ќе се финансира трасата исток – запад (од Ново Лисиче до Ѓорче Петров“) која прва ќе почне со реализација, и 22,4 милиони евра за втората траса југ – север (од Пинтија до железничката станица во Бутел), а ЕБРД ќе даде и грант за техничка помош.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски потенцираше дека брзиот автобуски превоз е нов градски сообраќаен систем преку кој ја подобрува ефикасноста и економичноста на целата транспортна мрежа.

– Со тоа граѓаните ќе добијат квалитетен, брз и безбеден транспорт, прифатлив и за лицата со посебни потреби, за што ќе се обезбеди соодветна инфраструктура -изјави Бочварски.

Директорот на ЕБОР и одговорен за РС Македонија, Анри Аранитаси нагласи дека Градот Скопје ја започна соработката со ЕБОР уште во 2012 година кога банката го прими градот во нејзиното семејство на зелени градови.

– Од 2019 година ова е трет проект кој го помага ЕБОР, а тоа е набавката на автобусите на гас, изградбата на пречистителната станица во Скопје и овој најновиот за брз автобуски транспорт – истакна Аранитаси.

Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина 12,81 километар во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и два терминала во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Според првичните проценки, вкупниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно. Со имплементација на првата фаза се очекува времетраењето на патувањето од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 проценти.

Се очекува првата фаза од проектот да биде готова до крајот на 2024 година, додека во 2023 година би се спровела постапката за втората фаза, односно целиот систем би бил подготвен 2024-2025 година.

Со имплементацијата на првата фаза се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 проценти, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на 3 до 4 минути, а бројот на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 на ден. За првата фаза ќе се набават 26 автобуси, додека за втората 22.

Шилегов најави дека паралелно со реализацијата на проектот ќе се работи и на системот на билети. Тој нагласи дека целокупниот транспорт (сегашниот автобуски и БРТ) ќе биде дигитализиран и ќе дава безброј можности за граѓаните, на пример картичката за едно возење од еден час ќе важи и во стариот и во новиот систем на транспорт, но тоа дополнително ќе се разработува.

Шилегов откри дека ќе биде овозможено поврзување со топла врска со Железничката станица патниците кои ќе се симнуваат од возовите да можат веднаш да се прекачат на брзиот автобуски превоз, наместо да се оддалечуваат.