Ходаи – Професори од две тетовски средни училишта не го почитуваат договорот меѓу средношколците и владата

0
52

Одредени средни училишта не го почитуваат договорот меѓу средношколците и Владата, предупредува Сојузот на средношколци. Неколку училишта ширум државата не сакале да им ги испратат материјалите за полагање на интерните предмети. Согласно договорот училиштата се обврзани тоа да го сторат најдоцна 3 недели пред испитот. Меѓу професорите кои истакнале дека нема да ги споделат банките со прашања со учениците се и професори од Економското средно и Медицинското средно училиште во Тетово, изјавија од Сојузот на средношколци.

-Одредени професори изјавија дека нема да ги споделат банките со прашања, односно нема да ја почитуваат точката од договорот во која стои дека професорите се должни да ги споделат банките со прашања поврзани со интерниот испит, најдоцна три недели пред денот на испитот. Професори со ваков став има во Средното економско и Средното медицинско училиште во Тетово. Исто така има неколку случаи, на пример со една професорка од Охрид која на учениците им дала 60 прашања велејќи „еве ги прашањата како што е договорено, но ниту едно од нив нема да го има на испитот“, вели претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.

Иако се уште е рано за да ги добијат прашањата, Ходаи вели дека реагираат сега, за да не се случи да бидат извисени кон крајот на мај.

Од Државниот испитен центар, пак, велат дека тоа што е договорено ќе биде исполнето.

-Училишните матурски предметни комисии предвидено е да подготват минимум три пати повеќе испитни задачи (без решенија) во согласност со застапеноста и видовите на задачи пропишани во испитната програма по секој соодветен предмет и истите, минимум три седмици пред полагањето јавно да ги објават. Учениците не треба да имаат грижа во тој дел, туку нивниот фокус да биде насочен кон повторување на досега стекнатите знаења со цел успешно заокружување на оваа етапа од воспитно – образовниот процес, велат од ДИП.