Книжарницата на тркала „Зборче“ пристигна во Тетово

0
24

Книжарницата на тркала е подвижна книжарница која официјално започна со работа во март годинава и прв пат се паркираше на плоштадот „Македонија“ во Скопје, а оттогаш е направена програма по која ја менува својата локација. Издавчката куќа „Антолог“ од Скопје е главен застапник и создавач на овој нов и иновативен концепт во земјава.

Денес таа е во Тетово и е стационирана пред Градската библиотека во „Кочо Рацин“. Ќе биде отворена од 10.00 часот до 19.00 часот.

Од „Антолог“ ја опишуваат како најнова приказна која ја испишуваат со гордост.

-Атрактивната книжарница патува низ целата земја за да биде поблиску до книгољубците задржувајќи го својот автентичен уметнички концепт кој како бренд го поседуваме, велат од редакцијата на „Антолог“ на нивната веб страна. Главна специјалност на жанровската ориентација на оваа издавачка куќа е објавувањето на белетристика во превод од што поголем број на јазици. Во книжарницата на тркала покрај тоа ќе има избор и од книги за деца и млади, нефикција, популарна психологија и се разбира литература од македонски автори.

Динамичниот начин на продавање на книги овозможува пристап на многу актуелни наслови и автори и на места каде што нема голем и разновиден избор на книги.

Ангела Бошкоска