Анализите на МАНУ открија нигериски сој кај офицерот на АРМ

Инфекцијата кај него е во поодомината фаза и тој веќе оздравува. Нигериската варијанта се уште е ретка на Балканот, неодамна беа пријавени неколку случаи во Словенија.

Потполковникот на АРМ кој вчера со специјален лет беше донесен од Централноафриканската Република во Скопје е заразен со нигериски сој на вирусот. Ова го покажаа првичните анализи, откако војникот беше итно донесен во земјава поради сомнеж дека е позитивен на јужноафриканскиот сој на Ковид-19.

„Според анализите од МАНУ кај војникот е детектиран нигериски сој на вирусот, а не јужноафрикански. Иако има сличности меѓу двата соеви, не станува збор за ист сој. Нигерискиот сој исто така е чест во африканските земји“, информираат од Министерството за здравство. Инфекцијата кај него е во поодомината фаза и тој веќе оздравува.

Потполковникот на АРМ, кој на крајот на месецов требаше да ја заврши шестмесечната мисија во Централноафриканската Република, вчера наутро беше донесен во специјална капсула и е пренесен на лекување во Инфективната болница во Скопје. Тој бил тестиран на 5 мај, кога е утврдено дека е позитивен на коронавирус.