Заев од Атина: Спорот со Бугарија е измислен и смешен

0
58

Проблемот со Бугарија е измислен, па дури и смешен, но решение мора да се бара бидејќи тоа е добро и за Бугарите и за Македонците. Ова е коментарот на премиерот Зоран Заев од Делфи економскиот форум во Атина за македонските евроинтеграции и пречките на тој пат.

Премиерот е оптимист дека решение со Софија ќе има и дека наскоро ќе се договори меѓувладината конференција со Брисел.

Заев нагласи и дека договорот од Преспа е целосно завршен и дека сега односите со Грција треба да се фокусираат на соработка во економијата и енергетиката.

На панел-дискусија за евроинтеграциите со грчкиот и кипарскиот шеф на дипломатијата зборуваше и вицепремиерот за европски интеграции Димитров. Пораката од него е Европа да го исполни своето ветување од март за почеток на преговорите со Македонија и Алабанија.

-„Поради пофалбите што ги добивме за решавање на билатералните прашања, агендата за реформи дома, мислам дека она што ќе се случи со нас, без разлика дали Европа ќе го одржи ветувањето, ќе биде порака и за остатокот од регионот. Дали вреди да се прават тешки работи или не? Дали Европа ќе го испорача она што го ветија, дека ќе испорачаат ако ние испорачаме? Значи, мислам дека успеавме да го истакнеме влогот дека нашиот успех ќе биде успех и за Европската Унија, за нашиот регион – Западен Балкан и ќе биде успех за сите наши соседи, за Грција, но исто така и за Бугарија и нашето пријателство со Бугарија. “

Грчкиот алтернативен шеф на дипломатијата, пак, ја потврди позицијата на Атина дека Грција не се согласува со одвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ.

-„Со тоа што Албанија и Северна Македонија ќе пристапат во ЕУ, конечно и ние ќе добиеме копнени граници со други земји-членки од што сме лишени во почетокот бидејќи сме во изолиран дел од ЕУ без физички граници со останатиот дел од Унијата… Важно е процесот да почне веднаш за сите земји кандидати. Ние не сме расположени да прифатиме никакво одвојување меѓу Северна Македонија и Албанија, ова го гледаме како катастрофален пристап за регионалната стабилност.

Варвициотис вели дека новата рамка за проширување треба да биде веродостоен и побрз процес во споредба со старата.

Извор Сител