Кинезите изгубија контрола над уште една ракета: Може да погоди населено место доколку падне на Земјата

Кинеска ракета од 21 тон е целосно надвор од контрола и полека паѓа назад кон Земјата, а би можела да падне врз населени места, предупредуваат експертите.

Ракетата „Long March 5b“ беше лансирана во орбитата минатиот четврток и се предвидува дека ќе се сруши на површината на Земјата во следните неколку дена.

Астрономот Џонатан Мекдауел, кој следи објекти во орбитата околу Земјата, за SpaceNews изјави дека траекторијата на ракетата на која може да се сруши на Земјата опфаќа област која се протега северно од Њујорк, преку Мадрид, Пекинг и сè до Велингтон во Нов Зеланд и јужниот дел на Чиле.

Поголемиот дел од ракетата ќе изгори кога ќе влезе во атмосферата, но нејзините остатоци може да паднат некаде по наведената патека, која има и многу населени области. Сателитите кои ја следат нејзината траекторија покажуваат дека ракетата од 30 метри во моментов патува со брзина од околу шест километри во секунда.

Ракетата Long March 5b однесе во орбитата нов модул за кинеската вселенска станица. Модулот се вика Тијанхе или преведено Хармонија на небото и претставува простор за живеење на кинеските астронаути на таа вселенска станица наречена Тиангонг (Небеска палата).

Кинезите се надеваат дека ќе ја завршат Небесната палата до крајот на 2022 година, а откако ќе ја завршат, вселенската станица ќе кружи околу Земјата на надморска височина од 338 до 448 километри над површината на планетата.

По завршувањето, се проценува дека оваа вселенска станица ќе тежи околу една петтина од Меѓународната вселенска станица (ISS).

Целта на Кина е да стане вселенска моќ до 2030 година и да остане во чекор со САД, Русија и Европската вселенска агенција (ЕСА).

Неконтролирано враќање на кинеска ракета на Земјата, сепак, може да го одложи нивното славење, особено ако нејзините остатоци паднат на населено место и предизвикаат материјална штета или загуби на човечки животи.

Делот од ракетата која паѓa неконтролирано кон површината на Земјата тежи нешто повеќе од 10 тони, а Мекдауел смета дека според денешните стандарди е целосно неприфатливо да се дозволи толку многу вселенски остатоци да паѓаат неконтролирано.

Кинезите се свесни за проблемот, но тоа не го менува фактот дека ракетата излезе од контрола.

Шефот на канцеларијата за вселенска безбедност на ЕСА, Холгер Краг, нагласува дека е тешко да се процени колку од оваа ракета ќе преживее влегувајќи во атмосферата, но тој верува дека тоа обично е 20 до 40 проценти од нејзината оригинална маса.

За Кинезите ова исто така не е прв пат да ја изгубат контролата врз овој модел на ракета за време на контролираниот распад на Земјата. Истото веќе се случи во мај 2020 година, кога Long March 5b се сруши неконтролирано во морето покрај брегот на Мавританија во Африка, откако остатоците од ракетата летаа над Лос Анџелес и Њујорк.

Извор денар