МИЈАЛКОВ ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР-КРИВИЧНИОТ СУД ЈА ОДБИ ГАРАНЦИЈАТА

Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков останува во притвор.

Ова следува откако Кривичниот суд донесе одлука да ја одбие понудената гаранција во вредност од речиси 11 милиони евра.

„Во предметот со КОК бр. 60/17, од обвинителството означен како „Трезор“, за укинување на мерката притвор и определување гаранција, ја информирам јавноста дека: Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по добиено позитивно мислење од надлежното обвинителство, за уважување на предлогот за укинување на мерката притвор со замена – гаранција, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован“, пишуваат од Судот.

Од таму се додава дека советот, по проучување на списите во предметот, смета дека се уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, имајќи ги во предвид видот и карактерот на кривичните дела како и висината на изречената казна.

„1.Имено, обвинетиот во предметот со КОК бр. 60/17, од обвинителството означен како „Трезор“, со првостепената пресуда е осуден на 8 години казна затвор, а зо која надлежното обвинителство предложи определување мерка притвор. Воедно обвинетиот во предметот со КОК бр. 47/17, од обвинителството означен како „Таргет – тврдина“, со првостепена пресуда е осуден на 12 години казна затвор, а против истото лице се водат и два други предмета за кои претходно беа определувани други мерки за обезбедување присуство токму по предлог на надлежното обвинителство.

2.На постоење на опасноста од бегство, заради која мерката притвор беше предложена од обвинителот и прифатена од судот, упатува и фактот дека обвинетиот по определување на мерката куќен притвор во предметот со КОК. бр. 47/17 ( „Таргет – тврдина“) повеќе од 24 часа беше недостапен на органите на прогон, што води до заклучок дека по прифатена гаранција и укинување на мерката притвор, може повторно да биде недостапен на органите на прогон.

3.Ја известуваме јавноста дека јавниот обвинител по поднесениот предлог за укинување на мерката притвор со определување гаранција на 18.05.2021 година даде мислење да се уважи предлогот, НО претходно на 22.04.2021 год. и 04.05.2021 год. до судот има доставено мислења да се одбие предлогот за укинување на мерката притвор со предложената гаранција.

4.Водејќи се по член 150 ст.3 од ЗКП согласно кој судот е тој што по слободна оценка одлучува дали ќе определи гаранција и кој ќе биде износот на истата, а во правец на претходните две негативни мислења на ЈО, Кривичниот совет не се согласува со проценктата на обвинителството дека висината на понудената гаранција претставува доволен основ за замена на мерката притвор со гаранција“, стои во соопштението.

Ова решение не е правосилно, односно против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд во рок од 3 дена по приемот на решението.