Не доаѓа предвид помилување лица за случувањата на 27 април, рече Пендаровски по средбата со Мицкоски

Претседателот на државата Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на денешната средба во Кабинетот на шефот на државата, според лидерот на опозицијата, „нашле разбирање“ за темата „27 април“, притоа потенцирајќи дека не барал ниту амнестија, ниту милост, туку правда за осудените за случајот со упадот во Собранието.

Мицкоски очекува, како што рече, политичарите, да ги тргнат рацете од правосудството. По средбата, која е прва по 9 месеци откако ВМРО-ДПМНЕ најави дека ги замрзнува односите со претседателот Пендаровски, шефот на државата порача дека за случувањата од 27 април и помилување лица кои направиле кривично дело, квалификувајќи го како без преседан во современа Европа, не доаѓа предвид.

„Во однос на правната квалификација на делото, факт е дека тие лица не беа судени за кривично дело тероризам, туку по друг член, за терористичко загрозување на уставниот поредок. Дејствијата со кои може да се изврши тоа кривично дело се слични, запретената казна е идентична, најмалку 10 години. Инаку, за 27 април, паметите, постои и пресуда за група луѓе кои беа дел од истата толпа која влезе во Собранието и го претепа Зијадин Села. Ако се следи правна квалификација, значи цело време, внимавајте, зборувам за правна квалификација, не за политички интерпретации на пресудите. Ако се следи правната квалификација на таа пресуда, тие луѓе беа судени и со право добија високи казни, но, не беа судени за кривично дело тероризам, туку за убиство во обид. Или на пример, случајот со напаѓачот на пратеничката, тогаш Радмила Шекеринска, тие се сцени кои не шокираа и нас и светот, кој беше исто така дел од луѓето кои влегоа во Парламентот и кој не беше суден за тероризам, туку за кривично дело насилство“, рече Пендаровски.