Претседателот Стево Пендаровски денешната аудиенција кај папата Франциск ја искористи за да му подари дрес на македонската репрезентација со неговото име.
„Папата Франциск прв го добива најновиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име испишано на кирилица. Ова е дресот со кој ќе настапат нашите најдобри фудбалери на претстојното Европско првенство. Нека донесе среќа, нови успеси и победи на претстојното европско првенство“, наведе Пендаровски на Фејсбук.
Фудбалската репрезентација на Македонија наредниот месец за прв пат ќе настапи на Европско првенство, а историскиот прв натпревар ќе се игра на 13 јуни во Букурешт, а противник на избраниците на селекторот Игор Ангеловски му е Австрија. Во второто коло, Македонија ќе игра против Украина исто така во Букурешт, а последното трето коло од групата Ц ќе се игра на 21 јуни во Амстердам против Холандија.