ПЕНДАРОВСКИ: АКО ПРАТЕНИЦИТЕ ПОВТОРНО ГО ИЗГЛАСААТ, НЕМАМ ИЗБОР ОСВЕН ДА ГО ПОТПИШАМ ЗАКОНОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИТЕ

Претседателот Стево Пендаровски вели дека нема друг избор освен да го потпише Законот за легализација на дивоградбите доколку пратениците по втор пат го усвојат истиот закон без никакви измени.

„Не можам да знам дали повторно ќе го изгласаат Законот. Тоа е комплетно во надлежност на политичките субјекти кои се во парламентот. Прво, оние кои се во Влада дали имаат намера тоа да го направат – да го пуштат повторно во процедура, има најави од премиерот и министерот за транспорт и врски, тие тоа ќе го направат. Има најави од други политички субјекти дека можат со филибастеринг да блокираат, меѓутоа тоа е комплетно во надлежност на Собранието. Ако ме прашувате за мојата реакција кога здравје тој закон повторно би дошол кај мене, Уставот е апсолутно јасен. Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам претседател кој има т.н. џебно вето, па да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по втор пат, се разбира дека истиот ден ќе го потпишам“,

вели Пендаровски.

Пендаровски нагласува дека нема да биде задоволен ако не се земат предвид забелешките за законот, кои вели ги дал во консултација со истакнати правници кои му укаже дека Законот за легализација на дивоградбите е правно неиздржан.

„Имам серија забелешки, од она што го кажа премиерот, ќе бидат земени предвид, ќе се разговара за нив, меѓутоа тука завршува мојата уставна надлежност. Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство – 61, немам избор. Нема да бидам задоволен, тоа не го напишав само за да бројам дека сум ставил вето на некој закон. После долги консултации со истакнати правни експерти ми беше сугерирано дека тоа практично е неодржливо во неколку позиции. Она што јавноста претпоставувам го знае, но не е лошо да го повториме, е дека во повторната расправа во парламентот, ако дојде до тоа, пратениците може да расправаат или да даваат амандмани само на тоа што јас сум го напишал во образложението“,

рече Пендаровски.

Претседателот ветото на Законот го стави на 14 мај и го врати во Собранието. Неговите уставни надлежности, на кои се повикува, се пропишани во членот 75 од Уставот кој дели дека во случај собранието повторно да го усвои законот со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, тогаш претседателот е должен да го потпише указот.

Во своите забелешки од минатата недела, Пендаровски наведе дека Законот не е уставен затоа што нуди амнестија за физички лица и за фирми во кривичните постапки за бесправно градење и дека на таков начин се поттикнува непочитување на правните прописи. Тој го оспори и членот од Законот со кој се предвидува легализација на дивоградби во заштитени подрачја и национални паркови, со образложение дека има прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина.

Законот беше изгласан во Собранието на 11 мај, со поддршка од пратеници и од власта и од опозицијата. „За гласаа 72 пратеника, тројца беа „воздржани“, а петмина „против“.

Извор 360°