ПРОДОЛЖУВА БОЈКОТОТ НА НАСТАВАТА ВО ДЕЛ ОД УЧИЛИШТАТА ОРГАНИЗИРАН ОД ГРУПАТА НА РОДИТЕЛИ

Дел на бојкот, дел на настава – вака помина денешниот ден во неколку училишта во земјава. Родителите кои го поддржуваат бојкотот велат дека притисоци има, но нема да ги заплашат.

Од ресорното министерство не отстапуваат од дигиталните учебници. За оние кои ја бојкотираат наставата ќе има мерки.

„Секое неоправдано отсуство предизвикува импликации во педагошката евиденција која ја водат наставниците за образованието и поведението на учениците, а воедно потоа тоа отсуство треба да се надоместува преку организирање на дополнителна настава.“ – МОН.

Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум за ТВ24 вели дека е потребна јавна дебата за новото законско решение, но и учениците треба да се информираат дали има потреба од бојкот.

Од Сојузот на средношколци и денеска се оградија од бојкот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак реагира дека законот за дигитализација на учебниците ќе предизвика социјална нееднаквост.

„Царовска го заборава на фактот дека над 25 илјади деца немаат компјутер и нема да можат да се образуваат преку таканаречените интерактивни електронски учебници. Ова ќе предизвика социјална нееднаквост и дискриминација на над 25 илјади деца во државата.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Родителите организатори на бојкотот најавија протест доколку МОН не ги прифати нивните барања за стопирање на постапката и јавна дебата. Законот во Собранието е предвидено да се носи по скратена постапка со европско знаменце.

Извор тв24