Се заоструваат судирите меѓу Израел и Палестинците

Ескалира насилството помеѓу Израел и Палестинците, од почетокот на воздушните напади во понеделник до сега загинале 36 лица во Газа, а 10 од нив се деца.

Ракетирањето пак на милитантната група Хамас уби пет деца . И покрај апелите од ОН да се стави точка на насилството, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека нападите ќе се интензивираат.

-Операцијата „Чувар на зидот“ нападна стотици позиции на Хамас и исламскиот Џихад. Елиминиравме десетици терористи помеѓу кои се и старешини и команданти на високи позиции, уништивме згради кои што беа користени од терористичката организација, ќе продолжиме да напаѓаме со полна сила, вели Бенјамин Нетанјаху – Премиер на Израел.

Сирените за тревога се слушаат и низ Тел Авив. Палестинската група Хамас истрела 130 ракети кон градот, а една погоди во зграда, според тамошната полиција во ова ракетирање се убиени три лица. Армијата на Израел информираше дека врз земјата се испукани околу 500 ракети од различни палестински групи.

Од палестинска страна порачаа дека се спремни да одговорат на применетата сила од страна на Израел која досега погоди 130 цели во Газа, а како што велат од палестинската национална иницијатива, нападнат е и храм за време на молитва.

-Нападнаа луѓе кои што се молат со шок бомби и солзавци, а почнаа и да ги тепаат луѓето, вклучувајќи ги и оние кои што нудеа прва помош на повредените луѓе. Овие напади беа постојани затоа што сакаа да ги избркаат луѓето надвор од џамијата, истакна Д-р Мустафа Баргути – Ген-сек на палестинската национална иницијатива.

Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи итен состанок со цел да се стави крај на конфликтот.. Членовите на советот не успеаа да го усогласат документот за ова прашање во понеделникот, а според агенциите, тие веројатно нема да можат да усвојат заедничка резолуција и изјава ниту на денешната седница.

Извор Канал5