Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата попладнево ја укина одлуката за задолжителен двонеделен карантин за сите лица кои од Северна Македонија и од Грција влегуваат во Албанија.
– Освен укинувањето на задолжителниот карантин за лицата кои влегуваа во нашата земја од Македонија и од Грција, што беше воведен на 20 април, комитетот врз основа на барањето на Министерството за образование, млади и спорт дозволува отворање на универзитетите, но само за консултации и сезоната за испити, но со строга примена на протоколите и мерките за заштита, изјави Огерта Манастирлиу, министерка за здравство и член на комитетот.
Според неа, сите други ограничувачки мерки остануваат во сила, како што е и забраната за групирање на повеќе од десет лица, како и полицискиот час кој и понатаму ќе трае од 22 до 6 часот. Задржувајќи се на процесот на имунизација против Ковид-19, Манастирлиу рече дека до сега во земјата се пристигнати 748.400 дози вакцини од „АстраЗенека“, „Фајзер“, „Синофарм“ и „Спутник В“.
Со вакцинација се опфатени 537 илјади лица, при што над 100 илјади ги примиле и двете дози. Посочи дека во последните седум дена вакцина примиле околу 100 илјади лица и нагласи дека со несмалена динамика процесот продолжува и понатаму.
Епидемиолошката состојба ја оцени како стабилна, а вакцинацијата, рече таа, услови намалена смртност меѓу заболените.