БОЧВАРСКИ:ЗАКОНОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИТЕ НЕ Е ИДЕАЛЕН, НО ЌЕ БАРАМЕ РЕШЕНИЕ ДА СЕ ПОДОБРИ

0
20

Одбивањето на претседателот Пендаровски да го потпише указот на Законот за легализирање дивоградби ќе се искористи за дискусии со граѓаните, пратениците и експертите, како да се подобри легислативата, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тој го повтори ставот дека Владата нема да отстапи од намерата да најде начин за легализација на илјадници дивоградби, со што сметаат ќе се реши проблемот за граѓаните кои не успеале да ги легализираат своите домови.

„Градови како Штип, Струмица, Велес имаат по 2-3 илјади објекти, според нивните проценки, кои немаат решено правен статус. Тоа се во најголем дел наши сограѓани кои успеале да изградат кров за своите семејства. Затоа, Владата е најодговорна со Собранието, да бараме начини, да не ги ставаме проблемите под тепих. Во дискусија со пратениците се донесе овој закон, но уставната можност што ја искористи претседателот е уште една шанса да дискутираме во јавноста со пратениците и експертите, да најдеме решение за да им помогнеме на граѓаните. Законот не е идеален, има слабости и добри страни, но ќе бараме решение да се подобри. Се останато е неприфатливо за државата, да замижуваме пред проблемите, или најлошо да оставиме стаус кво“,

изјави Бочварски.

Со сличен став вчера излезе и премиерот Заев, кој кажа дека има простор за дискусија во однос на Законот, кој претседателот Пендаровски одби да го потпише и го врати во Собранието на повторно одлучување.

Во образложението испратено до претседателот на Собранието, Пендаровски наведе дека Законот е неуставен, ги нарушува темелните вредности и поттикнува на непочитување на законите.

„Фактот дека со овој Закон се легализираат противзаконските постапки на физички и правни лица за бесправно градење, коешто е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Таквата постапка е спротивна со член 9, став 1 од Уставот во којшто е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Дополнително, во член 51, став 2 од Уставот е определено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Убеден сум дека усвоениот Закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани, кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи“,

се наведува во образложението од Пендаровски.

Дел од Законот, кој на 11 мај беше изгласан со 72 гласа „за“ од мнозинството пратеници од власта и од опозицијата, според Пендаровски, предвидува и скриена амнестија, што исто така е неуставно.

Извор 360°