Бојкотот на наставата ставен во мирување: Ако нема договор со МОН до понеделник, родителите ќе протестираат

0
25

Групата родители кои се противат на воведувањето дигитални учебници најавија дека ќе го прекинат бојкотот на наставата по средбата со претставници на Министерството за образование и наука. Претставничката на иницијативата „Учебници и настава мора да има“ изјави дека ги доставиле барањата до МОН и очекуваат одговор до понеделник. Во спротивно, како што најави, родителите ќе излезат на протести.

„Одлучивме дека до идната недела ќе ги разгледаат нашите барања – да се стопира овој закон, да се отвори јавна дебата и ние да бидеме инволвирани во новите реформи, за кои е јасно дека се повеќе од потребни. Очекуваме повторно да нѐ повикаат со комплетен тим од сите сектори и јасно и гласно да ни кажат дали ќе се прекине со овој закон“,

изјави Драгана Спасевска.

Покрај барањето за повлекување на законот за учебници, Спасевска соопшти дека побарале да останат хартиените учебници за сите одделенија од основно и средно образование, да се исфрли родово сензитивната содржина од учебниците, како и да не се спојуваат повеќе предмети во еден.

Од МОН, пак, соопштија дека ги сослушале барањата на родителите што беа на средбата, но не отстапуваат од намерата за дигитализација на образовниот процес.

„Промените во основното образование ќе се случат, затоа што тоа не е самоиницијативна одлука на Министерството за образование и наука, туку е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации. А, исто така, промените се и барање на наставниците и на многу генерации на ученици, но и потреба која што ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи“,

соопштија од МОН.

Од иницијативата за повлекување на законот за учебници, изминатите денови преку социјалните мрежи повикуваа на бојкот на наставата и дел од учениците од основните и средните училишта не присуствуваа на онлајн часовите, како и на наставата со физичко присуство.