Вархеји повторно предупредува: Ќе ја разделиме С. Македонија од Албанија доколку нема договор со Бугарија

0
16
ЕУ комесарот за проширување денеска повтори дека се разгледува можноста Албанија сама да продолжи на европскиот пат, доколку Северна Македонија не успее да постигне компромис со Бугарија за историските прашања.

По вторпат во неколку дена еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји предупредува дека доколку Северна Македонија не постигне компромис со Бугарија за историските прашања, Албанија ќе продолжи сама на патот кон ЕУ. Она што го кажа пред два дена во Скопје, унгарскиот еврокомесар денеска го повтори и од Брисел во изјава за Еуроњуз.
„Доколку повторно ни се случат потешкотии со Северна Македонија, што значи дека би биле неуспешни во убедувањето на С. Македонија и на Бугарија да изнајдат обострано прифатливо решение, тогаш ќе се отвори прашањето дали можеме да продолжиме само со Албанија. И ние мора да го разгледаме тоа прашање“, рече Вархеји алудирајќи на јунскиот самит на ЕУ.
„Разделувањето може да биде опција“, вели тој

Откаковчера порача дека нема да се жртвуваат идентитет и јазикот за влез во ЕУ, македонскиот премиер Зоран Заев денеска изјави дека „Европа е исправена пред сериозен одговор, какви европски вредности и какви пораки ќе испрати“, кон неговата земја, кон Западниот Балкан, но и кон граѓаните на ЕУ.

Заев смета дека С. Македонија и Албанија треба да одат заедно на патот кон ЕУ. „Треба да се движиме заедно, меѓусебно ќе си помагаме во целиот овој процес”. Премиерот смета дека со Бугарија може да се разговара во овој период и покрај политичката криза во земјата која повторно ќе оди на предвремени избори во јули.
„Европскиот дел можеме сега да го решиме“, вели Заев, а кога ќе има политичка влада во Софија може да се разговара за билатералните прашања.
Неделава, најпрво Германија, а потоа и Австрија, преку свои министри ја отфрлија можноста да се разделат С. Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, поради бугарската блокада кон Скопје.