(ВИДЕО)Крвава престрелака во Рио де Жанеиро, убиени најмалку 25 лица

0
15

Според извештаите на локалните медиуми, најмалку 25 лица, вклучително и полицаец, биле убиени во пукање во Рио де Жанеиро.

Пукањето се случило за време на полициска акција во фавела во областа Јакарезињо.

Полицијата ја започнала акцијата откако добиле извештаи дека шверцерите со дрога регрутираат деца за нивната банда, пишува Би-Би-Си.

Во престрелката биле погодени двајца патници во метрото, но тие преживеале. Патниците застрелани во метрото се офицерот на морнарицата Рафаел М. Силва (33) и Хумберто Гомес В. Дуарте (20). Рафаел е пренесен во болницата Салгадо Филхо. Хумберто бил пренесен во болницата Соуза Агиар.

“Двајца корисници на подземната железница беа повредени откако надворешен проектил удри во стаклото. Едно лице е повредено од скршено стакло, а другото беше погодено во раката”, се вели во соопштението на метрото.

Полицијата потврдила дека бил убиен инспекторот Андре Леонардо де Мело Фријас. Според локалните медиуми, пукањето почнало во полициска акција против банда која учествувала во трговија со дрога, грабеж, убиства и киднапирања.

Рио де Жанеиро е еден од градовите во Бразил со најголема стапка на насилство и огромни области се под контрола на криминалци.

Полицијата во Бразил честопати е критикувана за прекумерна употреба на сила за време на антикриминалните операции во поголемите градови.

За време на судирот со бандата биле погодени уште двајца полицајци. Досега се уапсени најмалку десет лица. Акцијата траела повеќе од седум часа,  пишува О Глобо.