Во Грција целосно вакцинирани 10 проценти од популацијата – првата доза ја примиле 21,5 отсто

0
56

Од првиот ден до денеска, спроведени се 3.280.000 вакцинации, над 2.260.000 наши сограѓани се вакцинирани со една доза, односно 21,5 отсто, а денеска надминавме еден милион наши сограѓани кои се целосно вакцинирани, што е десет отсто од популацијата, соопшти генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус, надлежен за процесот на имунизација во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

 

Темистоклеус, но и министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас на денешната редовна прес-конференција изразија оптимизам за „операцијата Слобода“, односно процесот на имунизација и рекоа дека ќе стигнат до 100.000 вакцинации дневно, а до крајот на мај ќе бидат спроведени над пет милиони вакцинации.

-Нашата проценка како операција Слобода е дека до 31 мај ќе имаме вакцинирано речиси 3.520.000 граѓани со една доза, односно 33 отсто и 1.940.000, односно околу два милиони граѓани ќе бидат вакцинирани со двете дози, што е 18 проценти од популацијата, објасни Темистоклеус.

Дополнително соопшти податоци и за одѕивот на граѓаните во зависност од старосните групи.

Во групата граѓани од 80 до 84 години и групата над 85 годишна возраст, податоците се идентични, односно по 63 отсто се вакцинирани со една доза, а заедно со оние што имаат закажан термин достигнува до 68 проценти.

Старосната група меѓу 75 до 79 годишна возраст, според Темистоклеус, има најголемо учество, односно една доза примиле 73 отсто, а заедно со закажаните термини е 80 отсто.

Една доза примиле 57 отсто од оние меѓу 70 и 74 години, но заедно со граѓаните кои веќе имаат закажан термин, се очекува да достигне до 74 отсто.

За возрасната група од 65 до 69 години, 40 проценти ја примиле првата доза и да стигне до 74 отсто, додека пак од граѓаните на возраст од 60 до 64 години, 53 отсто веќе ја примиле првата доза, а ќе достигне со 67 проценти заедно со оние кои имаат веќе закажан термин.

Граѓаните кои се на возраст од 30 до 49 години од неодамна имаат можност за имунизација, но само со вакцината на Астра Зенека и веќе има нешто помалку од 90.000 вакцинирани со првата доза и закажани над 580.000 термини.

Паралелно со регуларниот процес на имунизација, како посебна приоритетна категорија се вакцинираат просветните работници во земјата, а досега, 30 отсто ја примиле првата доза, а пријавени се 70 проценти.

Во однос на следните пратки со вакцини за Грција, Темистоклеус објасни дека во текот на мај, очекуваат 2.150.000 дози од Фајзер, 350.000 дози од Модерна, а од Џонсон и Џонсон (220.000 дози) и од Астра Зенека (150.000 дози), очекуваат и потврда за дополнителни дози.