Заев во Брисел: Ние повеќе не сакаме да стоиме и да чекаме

0
18

Според еврокомесарот Жозеп Борел, постои многу силна поддршка за одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро.

Северна Македонија ги исполни потребните услови за започнување на пристапните преговори и слично како и Албанија заслужува да продолжи во следната фаза од процесите без одложувања. Ова е пораката којашто пристигна денеска од Брисел, каде што македонска владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев имаше средба со високиот претставник за надворешна политика Жозеп Борел. По вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ за важноста на Западен Балкан, е потврдена европската перспектива на целиот регион.

„Дозволете ми да нагласам многу јасно дека нема поддршка за раздвојување ниту во институциите на ЕУ, ниту меѓу земјите-членки. С. Македонија ги исполни потребните услови за започнување на пристапните преговори и слично како и Албанија заслужува да продолжи во следната фаза од процесите без одложувања“, порача Борел.

Според Борел, постои многу силна поддршка за одржување на првата меѓувладина конференција за С. Македонија што е можно поскоро, а тоа е еден од приоритетите коишто ги потенцираше и македонскиот премиер Зоран Заев. „Ние дишеме, живееме и растеме со европските идеи и вредности. И знаеме дека нема друг начин освен европскиот. Ние сме посветени на нашите заеднички вредности и на спроведувањето на стандардите и критериумите на ЕУ. И, ние не сакаме да стоиме и да чекаме повеќе. Ние сакаме да се движиме затоа што движењето напред е европски начин. Ние сме за мобилност, а не за sидови“, порача премиерот. Според него, позитивен чекор напред за Северна Македонија е порака за охрабрување и за целиот регион.

Можеме ли да зборуваме за Западен Балкан без Северна Македонија? Можеме ли да зборуваме за Европа без Западен Балкан? Не! Се боревме многу во последните децении и во минатиот век со цел да го најдеме патот кон мирот и толеранцијата. И сега сите сме подготвени да се интегрираме, да сонуваме заедно и да постигнуваме заедно“, вели Заев кој изминативе два дена имаше интензивни средби во Брисел. На разговорите со европските лидери и високи претставници на Европската комисија и Европскиот парламент, тој беше дециден дека нема да преговара со соседна Бугарија ниту за јазикот, ниту за идентитот.

Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја продолжува дипломатската офанзива во Мадрид, каде што ќе има средба со претседателот на Владата на Кралството Шпанија, Педро Санчез и со претседателка на шпанскиот Сенат. Потоа заминува во Атина и ќе има средба со грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис.

Извор Дојче Веле