За сега сѐ уште му е забрането на Доналд Трамп да постира на Фејсбук и Инстаграм

0
17

Вчера надзорниот одбор на социалниот медиум и компанија Фејсбук донесе одлука за дали Доналд Трамп ќе може да продолжи да го користи нивниот сајт. Компанијата Фејсбук исто така е сопственик на социјалниот медиум Инстаграм така што одлуката на нивниот надзорен одбор важеше за двата медиуми.

Забраната на Трамп продолжува и на Фејсбук и на Инстаграм, но за разлика од иницијалната одлука на компанијата да ги суспендира акаунтите на поранешниот претседател „на неопределено време“, овој пат одлуката не е толку дефинитивна. Надзорниот одбор соопшти дека првичната одлука за трајно суспендирање на Трамп е „неодредена и нестандардна“ и дека точниот одговор треба да биде „во согласност со правилата што се применуваат на другите корисници на нејзината платформа“. Односно ова значи дека дефинитивна одлука за присуството на овие социјални медиуми од страна на Трамп ќе биде и понатаму дискутирано, но не е јасно кога ќе следи следната одлука.

По нападите врз владините згради во Вашингтон, САД  на 6ти Јануари, 2021 од страна на поддржувачи на Трамп и верувачи во QAnon теориите на заговор, Твитер, Фејсбук, Тикток и други социјални медиуми му ги избришаа профилите на поранешниот претседател. Трамп ширеше лажни вести дека тој победил на американските претседателски избори во 2020 и ги бодреше своите поддржувачи и QАnon верувачите преку неговото користење на социјални медиуми, особено Твитер каде што тој имаше 88 милиони следачи.

Завчера Трамп ја објави неговата нова веб страна со името „Директно од бирото на Доналд Џеј Трамп“ каде тој ги постира своите мислења, кои конзервативни и крајно десничарски политички кандидати ги поддржува, како и ширење на лажната вест дека тој, а не демократскиот кандидат и сегашен претседател Џо Бајден, победил на претседателските избори во САД во 2020. Многумина сметаа дека Трамп ја објави неговата нова веб страна – која естетски личи како личен Твитер акаунт – баш завчера заради одлуката која се чекаше од страна на надзорниот одбор на Фејсбук. Трамп го напиша следното на неговата страна за одлуката:

„Она што го направија Фејсбук, Твитер и Гугл е тотална срамота и е срам за нашата земја. Слободата на говорот му е одземена на претседателот на Соединетите Американски Држави затоа што радикалните леви лудаци се плашат од вистината, но вистината ќе излезе во секој случај, поголема и посилна од кога и да било порано. Народот на нашата земја нема да го поднесе ова! Овие корумпирани компании за социјални медиуми мора да платат политичка цена и никогаш повеќе не смеат да им биде дозволено да го уништуваат нашиот изборен процес.“

Прво, интересно е што Трамп сам себе се нарече претседателот на САД во оваа објава иако, секако, тој веќе не е претседател на САД. Другиот аспект што е фасцинантен во оваа објава е што Трамп ги поврзува големите технолошки компании како Гугл и Фејсбук со левицата. Левицата во САД, а и на други места многу ги имаат критикувано овие компании заради нивната нетраспарентност, нивното собирање и складирање на лични податоци на нивните корисници, алгоритми кои промовираат екстремистичка содржина, како и цензурирање на левичарски акаунти.

Така што сама по себе, забраната на Трамп е контроверзна одлука бидејќи доаѓа од компанија која преку своите алгоритми сѐ уште активно промовира крајно десничарска и често екстреминистичка содржина, како и теории на заговор, за да го задржи вниманието на одреден сегмент од нивните корисници. На пример, Фејсбук има важна улога во документарецот „Q: Into the Storm“ на Кулен Хобак за QAnon движењето, чии следбеници веруваат во теории на заговор како дека светот е контролиран од сатанисти и педолфили и дека само Трамп може да го спречи тоа. Хобак објаснува дека многу од верувачите во QAnon не се радикализирале на 8chan, веб страната каде што прв пат се појавува и развива QAnon движењето, туку дека тие прв пат стигнале до QАnon содржина бидејќи таа им била предложена од страна на алгоритмите на Фејсбук и други социјални медиуми.

Исто така Фејсбук имаше огромен скандал пред само неколку години со консултантската фирма Cambridge Analytica која доби пристап до 87 милиони Фејсбук акаунти за кои фирмата направи психолошки профили кои понатаму беа користени за политички цели. Односно бидејќи Cambridge Analytica имаше волку голем пристап до Фејсбук профили и ги нудеше своите услуги на претседателските кампањи на десничарски кандидати, меѓу кои и Доналд Трамп, многумина сметаат дека Фејсбук има директна допринесено до победата на Трамп на претседателските избори во 2016тата година. Затоа одлуката на Фејсбук да ја продолжи забраната на Трамп изгледа како ироничен и циничен потег.

Извор НоваТв