Земан: Признавањето на Косово е грешка

0
19

Претседателот на Чешка Милош Земан кажа дека и понатаму верува дека признавањето на независноста на Косово е грешка.

-По многу години бавење со политика, познат сум како личност која е доследна во своите ставови. И понатаму верувам дека признавањето на независно Косово е грешка, а тоа го напоменав и за време на својата посета на Белград во септември 2019 година. За ова прашање разговарав со највисоките уставни функционери на својата земја, но тие не се сложија со мене, а бидејќи живееме во време на демократија, морам да го почитувам мислењето на мнозинството, објасни чешкиот претседател.

Долгогодишните одлични билатерални односи и јакнењето на соработката, особено во областа на економијата, се темите на новата средба на претседателите на Чешка и Србија. Пред две години Земан беше во Белград, а оваа година ќе му биде домаќин на Вучиќ во Прага. Во интервју за магазинот Корд, претседателот на Чешка кажа дека посебноста на врските на двете земји може да се илустрира со фактот дека посетата на српскиот претседател ќе биде „прва официјална претседателска посета од избивањето на пандемијата“. Земан вели дека и понатаму верува во неопходноста на ширењето на Европската Унија, бидејќи „членството во ЕУ води кон мир, стабилност и напредок“.

Чешкиот претседател кажа дека при посетата на Вучиќ ќе го распраша за процесот на вакцинација во Србија.

„Борбата против пандемијата е прашање на здравјето, а не на геополитиката“, смета Земан, како одговор на прашањето за критериумите врз основа на кои Чешка ги бира вакцините.