ЗЕСТОКИ ВОЗДУШНИ НАПАДИ ВРЗ ПОЈАСОТ ГАЗА, ИМА НОВИ ЖРТВИ

0
23

Израелската армија го зададе најсилниот удар над палестинците во Појасот Газа откако рано утринава израелски авиони извршија напад врз клучни региони контролирани од Хамас.

Во нападот кој траел околу 40 минути биле истрелани 450 ракети од израелска страна. Бројот на загинати палестинци од почетокот на конфликтот се искачи на 119 лица, меѓу нив голем број се малолетни деца и жени. Иако нападите на израелската армија се насочени кон Хамас и останатите вооружени палестински групи, поради густото население често во истите има и цивилни жртви.

Израелскиот премиер Нејтанаху во видео обраќање од границата порача дека е рано за мировни разговори, и дека Израел ќе продолжи да ги брани својот народ од нападите на исламистичките групи.

-Одбранбените способности на “Железната Купола” ни даваат простор за напад и израелската армија веќе нападна стотици мети. Ќе гледаме оваа бројка да се искачи на илјада и продолжуваме со нападите врз Хамас за да ги одбраниме нашите граѓани. Ќе биде потребно време, но со добра координација на одбраната и нападот ќе ја постигнеме нашата цел за враќање на мирот во Израел.- Бенџамин Нејтанаху.

Од почетокот на конфликтот, пријавени се околу 830 повредени лица во Појасот Газа, болниците се преплавени со лица кои бараат медицинска помош а поради честите ракетни напади голем дел од палестинците се принудени да бараат засолниште во бегалските кампови.

-Ситуацијата е микс на повеќе работи, се гледа очајот бидејќи вчера беше првиот ден по Рамазан и луѓето се очајни бидејќи не можат да го прослават овој празник кој им е многу важен. Луѓето се преплашени по интензивното бомбардирање од тука и таму кое трае веќе три дена. Луѓето се преплашени.- Матијас Шмале- мисија на ООН во Појасот Газ.

Во меѓувреме ситуацијата повторно ескалираше во израелските градови каде во текот на ноќта дојде до судири помеѓу арапските и еврејските жители а во градот Лод, повторно беше запалена синагога. Генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш повика на итен прекин на непријателствата помеѓу двата народа а високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел изјави дека иако побарале да се стави крај на конфликтот, Унијата не е во состојба да посредува помеѓу Израел и Палестина.

Извор Канал5