Лорд Робертсон ја повика Бугарија да ја тргне блокадата на Македонија

0
21

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, на форумот на Евроатлантскиот клуб на Бугарија, на кој учествува и претседателот Стево Пендаровски, побара од новите власти во Софија да ја тргнат блокадата за Македонија во Европската унија. Неговото барање го поздрави поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија, Соломон Паси, кој ја нарече нашата држава – нашиот многу добар сосед и пријател.

Откако ја потсети Бугарија дека е потребна флексибилност кон надворешните и внатрешните закани, заштитувајќи ги притоа вредностите и стандардите што ги дели како член на евротатлантскатат заедница, Робертсон го се наврати на кризите во регионот потенцирајќи колку за нивното решавање била битна евроатлантската перспектива.

-Во 2001 година, Македонија беше на граница на граѓанска војна, но благодарејќи на интервенцијата на НАТО, на ЕУ и на ОБСЕ и на големи луѓе како Борис Трајковски таа беше запрена и се потпиша историски мировен договор. Сега Македонија е 30-та членка на НАТО. Стабилноста што ја доби со тоа Бугарија на границата е бонус  бидејќи крвава граѓанска војна ќе ги загрозеше мирот и стабилноста и надвор од границите на Македонија, во целиот регион. Во времето на влегувањето на Бугарија во НАТО и ЕУ луѓето во регионот имаа сон дека членството во овие организаации е ултимативно решение за големото насилство во регионот.Затоа, земете ја оваа можност и тргнете ја блокадата на Македонија во ЕУ, рече Робертсон.

На форумот зборуваше и новиот шеф на дипломатијата на Бугарија,Светлан Стоев, но со ниту еден збор не ја спомена Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски говореше за придобивките коишто Македонија ги има од членството во НАТО, по две децении кандидатски статус и низа кризи. Меѓу научените лекции од поновата историја, како што рече претседателот Пендаровски, е важноста на раното предупредување, особено денес, кога предизвиците се удвоени и се посложени, вклучително сајбер и хибридната војна, или најновиот предизвик – управувањето со пандемијата, која освен здравствени, социјални и економски, има и безбедносни последици.

„Важно за стабилноста на трансатлантската заедница е кохезијата меѓу партнерите“, бидејќи, како што посочи претседателот Пендаровски „ниту еден проблем на Балканот не ќе беше решен во последните три децении, ако не беа синхронизирани САД и Европа“.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање се осврна и на неодамна лиферуваните нон-пејпери, во коишто се споменува промена на границите на Западен Балкан. Според претседателот Пендаровски, ниту една одговорна влада или политичар во Европа нема да ја поддржи оваа опасна идеја, но, според него, пропагандата од трети страни не е исклучена. Според претседателот Пендаровски, во регионот сè уште има премногу историја којашто не држи сите нас на задните седишта во Европа.

„Живееме во 21-от век и мора да размислуваме и да правиме планови за иднината. Балканот во пост-комунизмот изгуби милиони млади луѓе кои заминаа во деловите на светот каде што историјата е присутна во книгите, а не на улиците“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето на виртуелната конференција, по повод 30-годишнината од основањето на Атлантскиот клуб во Бугарија.