МИЦКОСКИ: ВМРО-ДПМНЕ НЕМА ДА ПОДРЖИ ДОПОЛНИТЕЛНИ НАЦИОНАЛНИ ОТСТАПКИ СО БУГАРИЈА

0
18

Ако оптимизмот на Пендаровски се должи на дополнителни национални отстапки со Бугарија, ги предупредувам и него и Заев дека ВМРО-ДПМНЕ таква работа нема да поддржи, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот настан во Охрид кој го организира партијата заедно со германската фондацијата Конрад Аденауер.

„Да не им паѓа на памет ниту една реченица која може да биде сфатена двосмислено, а која ќе значи национални отстапки и национални концесии за македонскиот народ и Македонија. ВМРО-ДПМНЕ, таквиот договор нема да го поддржува и веднаш по формирањето на новата влада таков договор нема намера да почитува. Ги предупредувам политичарите кои преговараат за дополнителни отстапки на грбот на македонскиот народ и држава ние немаме намера да ги поддржиме и по промена на власт таквиот договор ќе биде напуштен“, потенцира Мицкоски.

Мицкоски вели дека очекува кога Пендаровски ќе се врати од Рим, во духот на добрите односи да го повика и информира што се разговарало со Радев и на што се должи оптимизмот.

Претседателот Стево Пендаровски во средата заедно со бугарскиот претседател Румен Радев отпатува во Рим за заеднички да оддадат почит на делото на словенските просветители Кирил и Методиј. Таму Пендаровски оцени дека ова е една нова динамика во билатералните односи и таа треба да биде продолжена и натаму, а Радев рече дека двете држави треба да работат со уште поголема доверба и дијалог, да ги решат работите заедно.

Минатата недела еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва донесоа предлог решение за спорот меѓу Скопје и Софија со кое би требало Бугарија да ги деблокира македонските европски интеграции. Во Скопје предлогот беше оценет како добра основа, а официјална Софија остана воздржана за конкретна оценка, но формираше работни тимови, а тамошниот министер за надворешни работи Светлан Стоев рече дека решавањето на проблемот со Македонија е еден од двата приоритети на оваа службена влада која има мандат до 11 јули, кога во Бугарија треба да се одржат предвремените парламентарни избори.