Мицкоски: Пендаровски е дволичен, едно зборуваше на средбата, друго пред камерите

0
20

Само што ги „одмрзнаа“ односите, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, го обвинува претседателот Стево Пендаровски дека е дволичен, оти на вчерашната средба, на која се дискутирало и за случајот „27 април“ шефот на државата едно зборувал внатре, а потоа друго пред јавноста. Мицкоски тврди дека Пендаровски е под притисок на медиуми блиски до СДСМ и Зоран Заев.

„Јас го разбирам, нормално не можам да го оправдам, бидејќи тоа во суштина се нарекува дволичност, едно лице да имате на средбата, едно лице да имате надвор пред камерите. Но, во ред. Важно е дека дури и ваков притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека сепак ако имаме нови докази треба овој случај како и многу други случаи во минатото да започнат од почеток“, рече Мицкоски.

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски реагираат дека ставовите на шефот на државата за настаните од 27. Aприл се кристално јасни и тие не зависеле од средбата со Мицкоски.

„Фактот што по вчерашната средба немаше заедничко соопштение, ниту заедничка прес конференција, јасно покажува дека секој од соговорниците по средбата ги кажуваше само своите ставови и оценки за тие настани. Инаку претседателот Пендаровски никогаш во јавноста не коментира детали и барања од своите соговорници, особено оние кои се надвор од темите најавени за разговор, така што тоа нема да го направи ниту овој пат“, наведуваат од претседателскиот кабинет.

Пендаровски по средбата со Мицкоски вчера кажа дека кусо разговарале за крвавиот четврток, и дека тој само ја цитирал законската можност за вонреден правен лек која ѝ стои на располагање на одбраната. Тој смета дека крајно спротивставената политичка реторика за настанот не води кон национално и граѓанско помирување.

Обвинителката Вилма Русковска во вчерашното гостување во емисијата „360 степени“ кажа дека два клучни елементи на кривичното дело се – намерата да се загрози уставниот поредок и безбедноста, како и дека со актот на насилство се создало чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Таа порача Мицкоски и Пендаровски да се воздржат од несреќни изјави оти прават директен политички притисок врз судовите.

„Сите бранители на веќе осудените најавија поднесување на вонредни правни лекови до Врховниот суд. Е сега, да ви поставам јас едно прашање, доколку Врховниот суд најпрофесионално го сработи предметот и најде дека пресудата треба да се укине, вие како граѓанин што ќе помислите?“, рече шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Четири години по упадот во Собранието, со пресуди за 16 лица со вкупно 188 години затвор, но и амнестии, се редат политички изјави и за настанот и за пресудите. И лидерот на ДУИ, Али Ахмети кажа дека поддржува повторно судење за 27 април, оти во Собранието имало насилство, но не и терористички акти.

Извор Алсат