МИЦОТАКИС: РАЗГЛЕДУВАМЕ БИЛАТЕРАЛНА ПОДРШКА СО ВАКЦИНИ НА СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ

0
33

Штом се осигуриме дека постои можност, веднаш ќе ги поддржиме со вакцини нашите соседни земји, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Брисел, веднаш по Европскиот совет за време на брифингот со грчките новинари, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на тоа како Грција може да учествува и да го помогне Ковакс системот, Мицотакис објасни дека едниот начин е билатерално да се помогнат соседите, а другиот преку директен придонес во вакцините што ќе ги собира Европа.

-Имаме различни начини да придонесеме. Прво, можеме да придонесеме на билатерално ниво и во овој момент разгледуваме непосредно прво билатерално зајакнување на нашите соседи. Потоа, имаме можност да учествуваме или директно во Ковакс или евентуално преку европската иницијатива, односно и ние да влеземе во 100-те милиони вакцини што Европа сака да ги собере. Ова ќе биде начинот, но многу веројатно е дека излеземе со некои соопштенија за директна поддршка на нашите соседни земји, штом се осигуриме дека ја имаме оваа можност, веднаш ќе го сториме тоа, објасни Мицотакис.

Говорејќи за вакцините во ЕУ, грчкиот премиер истакна дека Европа ги обезбедила дополнителните дози за 2022 и 2023 година, а според неговата процена, сигурно ќе биде потребна уште една доза девет до 12 месеци по првата вакцинација.

Оцени дека е „многу позитивно“ тоа што некои од вакцините веќе се одобруваат и за помлада возраст, нешто, што според Мицотакис, дава можност да се отвори дискусија и да се разгледа вакцинацијата на деца над 12 години.