Мишел, Меркел и Макрон ги повикаа САД да дозволат извоз на вакцини против ковид-19

0
21

Од друга страна, додека Бајден поддржува укинување на патентите за вакцини, европските лидери се скептични и сметаат дека тоа нема да ја подобри достапноста за вакцини

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, од самитот на ЕУ во Порто, Португалија, испратија порака до САД да дозволат слободен извоз на вакцини против ковид-19. Од друга страна, пак, го повторија нивниот скептицизам за укинувањето на правата за интелектуална сопственост, нешто што е поддржано од американскиот претседател Џо Бајден.

Мишел рече дека ЕУ е скептична околу ова прашање, но е подготвена да разговара ако има конкретен предлог. Меѓутоа, тој посочи дека според него вистинскиот начин за борба против пандемијата е да се произведуваат повеќе вакцини и да се укинат ограничувањата за извор кои ги имаат некои земји, како што се САД и Велика Британија.

„Во Европа решивме да го олесниме извозот и ги охрабруваме сите партнери да го олеснат извозот на вакцини“,

рече Мишел.

Слични порака до администрацијата на Џо Бајден испратија и Меркел и Макрон.

„Се надевам дека сега кога голем дел од американското население е вакцинирано, можеме да имаме слободна размена на состојки и исто така отворање на пазарот на вакцини“,

рече Меркел.

Макрон, пак, пораката ја испрати со коментар дека богатите земји мора да го споделат својот капацитет за вакцини и да им помогнат на помалку развиените

Кога е во прашање укинување на правата за интелектуална сопственост, Меркел го сподели истиот став како и Мишел. Германската канцеларка рече дека не смета дека тоа би било решение што ќе овозможи вакцините да бидат подостапни за поголем број луѓе.

„Мислам дека е потребна креативност и иновативност на компаниите, а тоа вклучува и патенти“,

додаде Меркел.

Прашањето за укинување на правата за интелектуална сопственост, повторно се најде во фокусот на јавната дебата откако пред неколку дена поддршка даде Бајден. Први кои упатија ваков предлог до Светската здравствена организација (СЗО) беа Јужна Африка и Индија, а тоа го поддржаа и голем број земји во развој.

Извор 360°