Назначена привремена Влада во Бугарија, премиер Стефан Јанев

0
56

Бугарскиот претседател Румен Радев со декрет назначи привремена Влада, која од утре ќе почне со работа, а вршителот на должноста премиер ќе биде Стефан Јанев, соопшти прес-службата на шефот на државата.

„Привремената влада има многу краток мандат, очекувањата се големи, одговорностите се високи и прашање на рамнотежа е да се најде најдобриот тим за комбинирање на оптимален начин за да се исполни оваа тешка задача“, истакна Радев.

61-годишниот Јанев исто така служеше како заменик-премиер и министер за одбрана во привремената влада на Радев во 2017 година. Главните задачи на привремениот кабинет ќе бидат да обезбедат фер избори и да управуваат со пандемијата на коронавирусот, додека најсиромашната земја-членка на Европската унија се подготвува да потроши милијарди евра од фондот за обновување на блокот.

Потезите на Радев доаѓаат по три неуспешни обиди на најголемите партии во земјата да формираат влада по изборите на 4 април. Десноцентристичката партија ГЕРБ на трикратниот премиер Бојко Борисов го зазема првото место на изборите, но освои само 26 проценти од гласовите.

Радев го потпиша и указот за одржување предвремени избори на 11 јули.

Ова ќе биде шестиот кабинет од падот на комунизмот во Бугарија есента 1989 година и втор за време на претседателството на Радев.

Претходно, дописникот на МИА од Софија јави дека новиот министер за надворешни работи на Бугарија ќе биде амбасадорот на земјата во Данска, Светлан Стоев, кој е искусен дипломат од кариера.