НАМЕРНО ЈА ДЕАКТИВИРАЛЕ СОПИРАЧКАТА: ТРИ ЛИЦА СЕ УАПСЕНИ ПОРАДИ НЕСРЕЌАТА СО ЖИЧАРНИЦАТА ВО ИТАЛИЈА ВО КОЈА ЗАГИНАА 14 ЛУЃЕ

0
18

Три лица се уапсени затоа што, според полициското соопштение, постојат силни индиции дека тие се виновни за уривањето на кабината на жичарницата на северот на Италија, пишува агенцијата Анса. Во несреќата што се случи во неделата, загинаа 14 лица, а единствениот преживеан е 5-годишно момче кое е во болница и се уште е во животна опасност.

По 12-часовно испрашување, уапсен е сопственикот на компанијата што управува со жичарницата, како и извршниот директор и техничкиот директор.

Истрагата се фокусираше на две прашања: зошто се скиначеличната сајла и зошто безбедносната сопирачка на тркалата на кои се движат кабините на жичарницата не се активирала веднаш.

Деактивирана е сопирачката

Уште веднаш првите новинари кои пристигнале во неделата на местото на несреќата забележале дека во безбедносната сопирачка на срушената кабина е оставена „вилушка“, која служи за механичко деактивирање на безбедносната сопирачка. Со овој уред, сопирачката се деактивира навечер, по завршувањето на возењето, така што кабината може физички да се турка и да се управува без моторен погон. „Вилушката“ мора да се отстрани пред да се пушти во употреба жичарницата, за да може безбедносната сопирачка доколку е потребно да го блокира движењето на кабината. Законот предвидува „вилушката“ да биде црвена за да може да биде јасно видлива.

Истрагата, спроведена со испрашување на вработените се фокусирала токму на тој детал: кој и зошто ја оставил „вилушката“ во сопирачката и таа била координирана од републичкиот обвинител во Вербанија, Олимпија Боси и обвинителката Лаура Карера. Врз основа на истрагата, Боси заклучува дека „вилушката“ е оставена намерно, за да не се прекинува циклусот на возењето.

Вкупно пет семејства загинаа во страшната несреќа – две со живеалиште во Ломбардија, едно во Емилија Ромања, едно во Калабрија и семејство со израелско потекло кое живееше во Павија.