Нападот на фудбалерките на ЖФК Љуботен лоша дамка на женскиот фудбал

0
107

Пишува: Димитар Христов

Во период кога цела држава, младо и старо, машко и женско, буквално сите со нетрпение го очекуваат настапот на машката фудбалска репрезентација на престојното ЕУРО 2020, минатиот викенд се случи еден немил настан од кој е згрозена цела фудбалска јавност во државава. Во главна улога овој пат ги имаме стручниот штаб на ЖФК Борец од Велес, кои што вербално и физички се обиделе да се пресметаат со фудбалерките на ЖФК Љуботен од Тетово. 

Имено, станува збор за случка од ПМФЛ – ЖЕНИ, што се случила после последниот свиреж на судијата кога при одењето кон соблекувална членовите на стручниот штаб од Борец направиле хаос и турканица, при што биле физички нападнати фудбалерките на Љуботен. При овој настан, дури четири фудбалерки на Љуботен биле и потешко повредени. (Јашари, Бартон, Ѓероска и Муратовиќ). Според официјалните изјави објавени на официјалната фејсбук страна на ЖФК Љуботен, претседателот на клубот, Драгољуб Јовановски изјави дека е крајно згрозен од овие настани, но сепак ја гледал и светлата точка од целиот случај изјавувајќи дека добро во целото лошо е тоа што девојките моментално се чувствуваат подобро, но траумите ќе им останат вечно. Случајот, исто така бил пријавен и во МВР и во ЈО.

Освен ова, за време на натпреварот присуствувала и публика на трибините, иако во овие моменти тоа е најстрого забрането од страна на ФФМ. Исто така, целиот овој настан бил поткрепен и од страна на судиите на натпреварот, кои што суделе катастрофално и во прилог на домашниот тим.

Со овој настан, сведоци сме на уште еден црн ден во фудбалска Македонија. Да се напаѓаат противнички фудбалери и фудбалерки е најнеспортско и најнечовечко однесување на што можеме да бидеме сведоци. А и фактот што нападнати биле и малолетни девојки од страна на мажи го прави апсурдот уште поголем. 

Уште полошо е и тоа што сака да се нанесе лоша дамка на единствениот женски фудбалски клуб во Македонија што постојано инвестира и гради идни репрезентативки на кои што сите ние би биле горди. Во периоди кога целиот свет се труди, да ги сведе на минимум навредите за време на натпреварите, ние одиме еден голем чекор НАНАЗАД. Срамота и понижување ќе биде доколку ваквото однесување не биде казнето од страна на Фудбалската Федерација на Македонија и другите соодветни органи каде што настанот е пријавен.