ПЕНДАРОВСКИ И РАДЕВ ЗАЕДНО ЌЕ ИМ СЕ ПОКЛОНАТ НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

0
16

Македонска и бугарска делегација на 26 мај овој месец со заеднички активности во Рим ќе го слават делото на сесловенските просветители.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски и бугарскиот претседаел Румен Радев заедно ќе го чествуваат денот на Свети Кирил и Методиј во Рим. Според најавите, тие со авионот на бугарскиот претседател заедно ќе отпатуваат во Рим, каде на 26 мај е планирано македонската и бугарската делегација да ги започнат заедничките активности за прославата. Според најавите, Радев прво треба да допатува во Скопје и по куса средба со македонскито претседател на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим. На 27 мај Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благослови азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. Двете делегации е планирано да имаат и одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, Франциско.

Црковната делегација на МПЦ-ОА на 24 мај, на Денот на сесловенските просветители, предводена од владиката Пимен, ќе замине за Рим, каде ќе чиноначалствува со молебен на гробот на Св. Кирил во чест насесловенските просветители.

Чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј со различни манифестации се одржува секоја година во Рим. Минатата година Пендаровски и Радев ја откажаа посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј поради влошената состојбата со пандемијата на Ковид-19.

Заедничкото чествување на Свети Кирил и Методиј се случува во период на заладени македонско-бугарски односи, како последица на замрзнатата евроинтеграција на Северна Македонија поради бугарската блокада. Околу историските прашања со месеци наназад се кршат копјата меѓу историчарите на двете земји, кои не успеаја да изнајдат решение за повеќе спорни точки. Претседателот Пендаровски вчера, на десеттиот состанок на процесот Брдо – Бриони, го повтори својот став дека историските прашања немаат ништо заедничко со процесот на европската интеграција, а евентуалните неуспеси на тој пат дополнително ќе го нарушат кредибилитетот на ЕУ и нејзиното влијание во регионот.

Македонскиот претседател патува во Рим откако вчера доби поддршка од земјите од регионот за забрзано решавање на спорот во Бугарија. Претседателите на Хрватска и Словенија се заложија во рамките на ЕУ да се обидат со свои иницијативи да му дадат нов поттик на спорот помеѓу С. Македонија и Бугарија.

 

Извор Дојче Веле