Пендаровски пред средбата со Мицкоски: Добро е што воспоставивме комуникација, но осудените за 27 април не заслужуваат помилување

0
21

Претседателот Стево Пендаровски вели дека добо е што се воспоставува комуникација со најголемата опозициска партија, но пред утрешната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, останува на ставот дека осудените за упадот во Собранието на 27 април 2017 не заслужуваат помилување.

– Добро е што по девет месеци некомуницирање, се воспостави комуникација со институцијата претседател на Република Северна Македонија, што може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, кој толку многу недостасува во нашата земја, вели денеска шефот на државата за ДВ и додава дека „ова е враќање на праксата на признавање на неговиот избор на претседател пред две години“

Утре ќе се одржи средбa меѓу претседателот Пендаровски и Мицкоски, по телефонскиот разговор на кој се договориле да ја одржат средбата. Ова следува по изјавата на Пендаровски за настаните од 27 април 2017 година. Како што е познато, во едно свое неодамнешно телевизиско гостување, претседателот Пендаровски рече дека осудените за случувањата на 27 април треба да одговараат за претепување, а не за тероризам.

Пендаровски во изминатиот период добил лични писма од осудени за настаните од 27-ми април, и дел доставени преку нивни адвокати, во кои се бара помилување, но останува на ставот дека нема да донесе такви акти.

„Тоа беше случај без преседан, за рушење на демократијата и уставниот поредок. Сторителите на тоа дело не заслужуваат помилување, а единствен начин да се обнови процесот е само ако се појават нови докази, кои во време на судењето не биле познати“, вели денеска Пендаровски пред утрешната средба.