Петмина демонстранти убиени на протестите во Мјанмар

0
19

Мјанмарските безбедносни сили денеска отвориле оган на еден од најголемите протести против военото владеење и убиле најмалку петмина луѓе, пренесува Ројтерс, три месеци откако воениот удар ја доведе земјата во криза.

Протестите се координирани со демонстрациите во мјанмарските заедници ширум светот, за да се обележи „глобалната мјанмарска пролетна револуција“, наведуваат организаторите.

„Растресете го светот со гласот на единство на народот на Мјанмар“, соопштија организаторите.

Многу демонстрантите, некои предводени од будистички монаси, се пробиваат низ градовите, меѓу кои и трговското седиште Јангон и вториот по големина град Манделај.

Двајца луѓе биле убиени во Ветлет, двајца во државата Шан на североистокот на земјата, додека еден бил убиен во Хпканат на северот на земјата.

До протестите дојде по соборувањето од власт на владата предводена од нобеловката Аунг Сан Су Ќи на 1 февруари. Во исто време се интензивираа судирите со бунтовниците од етничките малцинства во пограничните региони на северот и истокот на земјата, а според проценките на ОН десетици илјади цивили се раселени. Во некои делови дојде до судирите меѓу цивилите и безбедносните сили, а во централниот дел на земјата, воени и владини објекти беа погодени со ракети, а имаше и низа помали необјаснети експлозии.

Здружението за помош на политичките затвореници објави дека безбедносните сили од воениот удар досега убиле најмалку 759 демонстранти. Ројтерс не можел да го потврди овој податок.

Протестите и штрајковите ѝ наштетиле на економијата и ги зголемија изгледите за пораст на гладот, предупредуваат хуманитарните агенции.

Војската соопшти дека морала да ја преземе власта, зашто на нејзините жалби за измама на изборите во ноември, на кои победи партијата на 75-годишната Су Ќи, изборните власти, кои утврдија дека изборите бил фер, не реагираа. Су Ќи е во притвор од пучот заедно со многумина членови на нејзината партија.

Извор Р.С.Е