ПРОЦЕС БРДО-БРИОНИ: ИТНИ ПРЕГОВОРИ НА ЕУ СО СКОПЈЕ И ТИРАНА

0
14

Лидерите на седум балкански земји денеска во Брдо кај Крањ во Словенија се сретнаа на состанок од процесот Брдо-Бриони. Усвоија и заедничка декларација во која се повикува Европската унија да ги забрза преговорите со земјите кандидатки за зачленување.

Претседателите на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија, Словенија и Хрватска денеска на десеттиот состанок на процесот Брдо Бриони во заедничката декларација ја повикаа Европската унија без понатамошни одложувања да ги почне пристапните преговори со Скопје и Тирана.

“Силно поддржуваме отворање на преговорите за зачленување во ЕУ со Албанија и Северна Македонија, како прашање на итност, без понатамошни одложувања“ се наведува во документот во кој се бара и безвизен режим за сите земји од регионот.

И македонскиот претседател Стево Пендаровски на состанокот со своите балкански колеги побара процесот на пристапување да не биде оптоварен со историски прашања.

„Во однос на нашиот проблем во интеграциите беше неподелено мислењето дека евроинтегративниот процес, воопшто процесот на преговори не смее воопшто да се оптоварува со историски контроверзии, дека историските проблеми и толкувањата на историските настани немаат буквално ништо заедничко со евроатлантските интеграции и со вредностите кои членките во тие организации ги почитуваат“, рече Пендаровски.

Во однос на македонските европски интеграции засега продолжува неизвесноста откако Софија го блокираше Скопје поради нерешени прашања, пред се историски, а новата привремена службена влада кај источниот сосед, која ќе ја води земјата до изборите во јули, соопшти дека нема намера да ја тргне блокадата.

Пендаровски рече дека во наредниот период неколкумина од учесниците на состанокот на процесот Брдо-Бриони, особено двајцата претседатели на Хрватска и Словенија се заложиле во рамките на Европската Унија да се обидат со свои иницијативи да му дадат нов поттик на спор меѓу Македонија и Бугарија.

Милановиќ: на Северна Македонија и се влегува во „интимниот простор“

Хрватскиот претседател Милановиќ, пак, оцени дека Северна Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите.

„Не се сите на исто ниво во напредокот на преговорите. Некои се понапред, некои се поназад. Северна Македонија се наоѓа во една невозможна позиција. Тоа е тема, што воопшто не ја допревме на денешните разговори, ниту во текстот на заедничката декларација, ниту пак Македонците на тоа воопшто инсистираа. Се работи за условите кои им се поставени во една, релативно зрела фаза на преговорите со ЕУ, а се однесува на содржината во некои учебници по историја во Македонија“, рече Милановиќ.

Тој посочи дека и Словенија и Хрватска имале многу жив и динамичен однос, каде Словенија поставувала некои услови, но, како што рече, никогаш не чувстувал или гледал дека Словенија сака да и наштети на Хрватска или да ја спречи или понижи.

„Ова што сега е официјална политика на една земја-членка на ЕУ и го прави на Северна Македонија и јас го нарекувам „влегување во туѓо“, односно влегување во интимниот простор. Да се бара од една земја кандидат, која и во преговори за членство, во учебниците по историја својата национална генеза да ја дефинира, онака како што тоа го бара соседна држава. Тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави. И, на тоа, отворено ќе се спротивставам“, рече Милановиќ.

Компромисна декларација

Домаќини на состанокот беа словенечкиот претседател Борут Пахор и неговиот хрватски колега Милановиќ, први луѓе на двете земји од регионот кои се членки на Европската унија. Пахор состанокот го оцени како успешен и додаде дека во декларацијата има компромиси.

„Ја повикуваме Европската унија регионот Западен Балкан да го набљудува како целина, а не само како одделни држави со кои преговара. Тоа е реципрочен процес. ЕУ мора да го забрза проширувањето, а земјите од Западен Балкан мора да ги забрзаат реформите“, рече домаќинот на состанокот, словенечкиот претседател Борут Пахор.

Хрватскиот претседател Милановиќ, пак, кажа дека некои делови во декларацијата се изменети по барања на Србија. Тој додаде дека имало одредени несогласувања наведувајќи дека агендата на косовската претседателка Вјоса Османи бика како што рече нешто поамбициозна.

„Јас на тоа гледам како на сосема прифатлива цена за документот кој е добар“, рече Милановиќ.

Несогласувања ги навести и српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој кажа дека тие инсистирале во заедничката декларација да биде усвоена и точка која се однесува на непромена на границите на Западен Балкан.

“Србија се залага за неменување на границите во согласност со резолуцијата на Обединетите нации. Таа наша иницијатива не беше прифатена но со другиот дел од текстот сме задоволни“, рече Вучиќ.

Балканските граници споменати во декларацијата

Во декларацијата границите се споменуваат еднаш и тоа во делот во кој се нагласува дека „со членството во Европската унија границите меѓу земјите членки стануваат помалку значајни што овозможува поголем простор за соживот на различните национални идентитети“.

Границите на Балканот станаа тема минатиот месец откако во јавноста се појавија информации дека постои наводен нон-пејпер од словенечкиот премиер Јанез Јанша за прекројување на границите на Западен Балкан, како начин да се реши хроничниот проблем меѓу шест земји во регионот. Во една од објавените содржини, се зборуваше за прецртување на границата меѓу Србија и Косово, можност за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина, припојување на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанското мнозинство кон Албанија и припојување на делови од БиХ, односно Херцеговина, кон Хрватска.

Постоењето на нон-пејперот не беше официјално потврдено, но предизвика силни реакции и од регионот и од меѓународната заедница, особено ако се земе предвид дека Словенија од први јули ќе го преземе и шестмесечното претседавање со Европската Унија.

Инаку, процесот Брдо-Бриони е заедничка словенечко-хрватска иницијатива која во 2010 година ја почна Пахор, кој тогаш беше премиер на Словенија, а целта на иницијативата е зајакнување на меѓусебната доверба и помош на земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ.

Извор Р.С.Е